Нова музичка авантура , со истакнати солисти и диригенти кои ја испишуваат современата историја на класичната музика, најави директорот на Македонската филхармонија, на стартот на новата сезона. Како што кажа Мустафа Имери, таа е насловена „ Без филтер“, со што се потенцира дека класичната музика е уметност во најавтентичен облик. Сезоната ќе започне в четврток.
- Со концерт, насловен „ Рестарт“, на кој како солист ќе настапи врвниот колумбиски виолончелист Сантијаго Кањон Валенсија. А, диригент е маестро Јерухам Шаровски , нашиот шеф- диригент, вели Мустафа Имери, директор на Македонската филхармонија.
Маестро Шаровски ќе диригира и на исторски важниот концерт за Македонската филхармонија, што ќе се одржи на 28 октомври во Златната сала на престижниот Музикфераин, познат по новогодишните концерти на Виенската филхармонија. Нашиот најстар симфониски оркестар ќе изведе дела од Бети Илин, Глигор Смокварски, Сони Петровски и Антонин Дворжак, а како солисти ќе настапат Ана и Игор Дурловски.
- Многу сме возбудени околу новата сезона. А, посебно за патувањето во Виена. Се подготвуваме од сега и морално и психички , ама и музички, рече Анна Кондратенко, концерт- мајстор и член на Уметничкиот совет на Македонската филхармонија.
На роденденскиот концерт на Филхармонија, на 27 ноември, оркестарот ќе го придружува ерменскиот виолинист Сергеј Хачатријан. Меѓу домашните солисти што ќе концертираат со Македонската филхармонија оваа сезона се кларинетистот Васко Дуковски, челистот Паскал Краповски , виолинистката Сихана Бадивуку. Од странство меѓу другите што ќе дојдат, се виолистот Александар Земцов, како и Нинг Фенг-еден од најдобрите виолинисти од Кина. Програмата е правена за да бидат застапени сите жанрови, кажаа од Уметничкиот совет.
- Меѓутоа и се трудевме да има премиерни дела кои што публиката ги нема чуено до сега, рече Владимир Костов, концерт- мајстор и член на Уметничкиот совет на Македонската филхармонија.
Следуваат неповторливи мигови на врвно уметничко задоволство во новата сезона на Македонската филхармонија, велат од таму.
Сотир Трајков
