Годинешниот лауреат на „Златна камера 300“ на фестивалот Браќа Манаки е еден од најголемите мајстори на филмската фотографија, Дариус Конџи, со култни филмови зад себе и соработка со врвни режисери. Тој синоќа пристигна во Битола, а вечерва ќе ја прими наградата за животно дело.
Врвен естетичар и мајстор на сликата, годинашниот добитник на „Златна камера 300“ за животно дело на фестивалот „Браќа Манаки“ е кинематограферот со иранско потекло, Дариус Конџи. Тој е директор на фотографија на култни филмови како Седумка на Дејвид Финчер, Крадење убавина на Бернардо Бертолучи, Евита Алан Паркер, за која беше номиниран за Оскар. Номинација имаше и за филмот Бардо. Соработувал и со други врвни режисерски имиња како Роман Полански, Сидни Полак и Вуди Ален.
„Сакам да работам со добри режисери, режисери со кои можам да остварам посебна врска, да бидеме тесно поврзани во текот на работата. Се разбира, треба да ми се допаѓа она што го работат, но најважно е да можам да им помогнам на режисерите за да можат да ја остварат својата замисла“, вели Дариус Конџи, режисер.
На прес-конференцијата во Битола, непосреден и скромен, Конџи со внимание ги следеше преводите на своите одговори и рече дека искрено жали што не може да се обрати на македонски јазик. Иако за првпат е во Македонија, вели дека чувството му е исто како во Мексико, земја кон која има посебна љубов и каде најмногу сака да снима.
„Го сакам Мексико, сакам да снимам таму, ги сакам луѓето таму, сметам дека земјата е емотивно моќна. Но и од она малку што го видов од Македонија го имам истото силно чувство. Патував ноќе, и кога денес ги отворив очите и го погледнав градот, добив едно пријатно чувство“, рече Конџи
Дариус Конџи синоќа допатува во Битола, а вечерва ќе му биде врачена наградата „Златна камера 300“ за животно дело.
Емилија Мисирлиевска
