Шкендија синоќа направи големо изненадување и го победи Лудогорец на првиот натпревар од плеј-офот за пласман во главната фаза во Лигата на Европа. Тетовци до победата од 2-1 дојдоа со пресврт и два одлични погодоци.
Македонскиот првак ќе брани предност од еден гол на реваншот во Разград против најдоминантниот тим во Бугарија во последните 13 години. Шкендија заслужено победи, бидејќи одигра натпревар на врвно европско ниво.
Иако работите не почнаа најдобро за тетовци откако Дерој Дуарте уште во 17-тата минута постигна гол за гостите и водство од 0-1.
Лиридон Љатифи го израмни резултатот во 35-тата минута со еден фантастичен гол од слободен удар. По еден час игра, Шкендија го сврте резултатот во своја корист и тоа благодарение на капитенот Бесар Ибраими, кој одлично реализираше по асистенцијата на Љатифи.
Нашиот тим имаше и уште неколку добри шанси за трет погодок, но и Лудогорец еднаш во контра-напад сериозно се закани и можеше лесно да израмни на 2-2.
Реваншот е следниот четврток на 28.август во Разград на „Лудогорец арената“.
Шкендија ако успее да ја задржи предноста од еден гол ќе се пласира во лигашката фаза во Лигата на Европа и ќе го израмни успехот на Вардар од сезоната 2017/2018, кога во плеј-офот го елиминираше Фенербахче и се пласираше во групната фаза. Со елиминација македонскиот првак секако има загарантирана европска есен, бидејќи секако ќе игра во лигашката фаза во Конференциската лига.
фото: ФК Шкендија
