Вечерва од 20 часот на арената „Тодор Проески“ во Скопје, Шкендија ќе го пречека бугарскиот шампион Лудогорец во првиот натпревар од плеј-офот за влез во групната фаза на Лигата на Европа.
Македонскиот првак во квалификациите за Лигата на шампиони ги елиминираше ТНС од Велс и ФЦСБ од Романија, но беше запрен од Карабах. Азербејџанците славеа двапати (0-1 во Скопје и 5-1 во Баку), па тетовци европскиот пат го продолжуваат во второто по ранг натпреварување.
Ривалот Лудогорец важи за редовен учесник во групните фази од европските купови. Од 2012 година е неприкосновен шампион во Бугарија, а во составот има бројни интернационалци од Бразил, Колумбија, Шпанија, Шведска, Србија, Франција и уште неколку земји. Бугарскиот тим влегува како фаворит, но Шкендија ќе се обиде да приреди изненадување и да ја искористи поддршката од домашната публика.
Дури и во случај на елиминација, тетовци имаат обезбедено европска есен – со сигурно учество во групната фаза од Конференциската лига на УЕФА.
ФОТО: ФК Шкендија/Фејсбук
