До крајот на месецов мерки за цените и нов економско-социјален совет. Според информации од Министерство за економија, за околу 10-тина дена најверојатно на иста маса повторно ќе седнат синдикатите, работодавачите и владата. Новата потрошувачка кошничка која се крои, но и за тоа со какви мерки ќе се делува на цените, се едни од точките за кои ќе се дискутира на состанокот.
Според неофицијални информации, планот е да бидат слични на оние со кои и претходно се делуваше. За да се комплетираат, се чека пазарниот инспекторат да достави уште една анализа. Најверојатно во игра поворно ќе бидат ограничување на маржите и наменски потрошувачки кошнички, како што беше есенската, новогодишната и слично.
Од ССМ веќе предупредија дека треба што поскоро да има средба, затоа што состојбата со цените е алармантна, а пред нас се локалните избори, период кога сите процеси се стопирани.
Дека цените растат тоа го покажува и статистиката. Според последниот извештај, трошоците за живот во јуни се зголемиле за 4,5 отсто. Најголем поскапување за една година се забележува кај овошјето од над 20 отсто, но и кај зеленчукот. Сепак, скок на цените има и кај другите производи маслото, млекото, сирењето, јајцата, лебот. Поскапување има и кај рестораните и хотелите, здравствената заштита, облеката, обувките.
Премиерот Мицксоки пред извесно време кажа дека причина за растот на цените е поради поскапување на одредени услуги кај прехранбените производи, без да прецизира за кои точно станува збор. Одговори само дека мерки ќе има наскоро. Последните кои беа донесени, завршија на крајот на април. Тогаш надлежните ветија дека ќе следат што ќе се случува со цените.
До промени, пак, кај потрошувачката кошничка дојде откако од Владата посочија дека во онаа која ја креираат синдикатите има спорни работи. Па, така падна одлука за нова. Сè уште не е објавено што сè ќе има во нејзе. Она што се знае е дека нема да биде минимална, туку просечна.
Иако првично се зборуваше дека нема да биде за четири члена, најверојатно во тој дел нема да има измени.
Ирена Чачкова
