Компаниите за топлинска енергија бараат Регулаторна да им ги прифати вработувањата направени во изминатиот период, а пресметале и повисоки трошоци за набавка на гасот, велат од Регулаторна за Телма. Ова се само некои од аргументите кои ги навеле во документот со кој бараат за околу 50 отсто поскапо парно во новата грејна сезона. Првиот човек на РКЕ, Бислимовски вели дека пресметките кои ги доставиле се разгледуваат и уверува дека нема да дозволи ценовен шок.
„Значи сето тоа се должи на одредени зголемени трошоци за природен гас. Ние во изминатиов период, последниве две до три години, исто така не признаваме одредени инвестиции и дополнително и тие инвестиции бараат да бидат надоместени и дополнително одреден број на вработени, ние не ги признаваме согласно нашата методологија“, вели за Телма, претседателот на Регулаторна комисија за енергетика, Марко Бислимовски.
Сепак, без анализата од Бирото за проценка за тоа колкава е вредноста на топланите преку кои се испорачува топлинска енергија, нема да носи нова цена. Ако не ја добијат, одлуката која вообичаено се објавува на крајот на јули, ќе биде пролонгирана. Од Регулаторна велат и дека по потегот на Уставен со кој се овозможува полесно исклучување од градско парно, има зголемен број на барања од граѓани дека сакаат да го сторат тоа. Предупредуваат дека со ваквата појава може да настанат сериозни проблеми, а и да се зголеми цената.
„Апсолутно, тоа подразбира греење со електрична енергија во деловите на градот Скопје каде што има организиран систем за дистрибуција на топлинска енергија и трафостаниците се проектирани дека греењето ќе биде преку топлинска енергија нема да биде преку струја. Ние имавме едно такво искуство како држава некаде во 2008, 2009 година кога во одредени делови на градот Скопје заради преоптовареност се запалија и трафостаници“, додава Бислимовски.
Oд ЕСМ, пак, уверуваат дека периодов не забележале зголемен број на исклучувања во однос на претходните години.
Бислимовски соопшти и дека во сметките за струја за јули домаќинствата ќе добијат и известување дали нивното броило е прочитано или не. Ако потрошувачката е паушално пресметана ќе имаат ознака М, ако, пак, броилото е проверено ќе стои ознаката О.
Инаку, градско парно користат околу 60.000 домаќинства. Во време на енергетската криза, се одлучи менаџирањето од БЕГ да оди во рацете на ЕСМ. За да може да го работи беа формирани и три фирми – за производство, за дистрибуција и за снабдување. Но, според последниот извештај на финансии, тие се во долгови.
Ирена Чачкова
