Вести Македонија Најважни

Ново убиство извршено од бегалец на потерница- застрела офицер на АРМ и избега, работел и пукал за кланот Беланоца, добивал слободни „излети“ од затворот Шутка 

Припадник на скопската банда Беланоца и бегалец со меѓународна потерница за убиство и убиство во обид денеска застрела офицер на АРМ кој користел слободен ден во родното Батинци. Убиството се случило на влез во селото Батинци, околу 10 часот, осомничениот ја начекал жртвата во автомобил и испукал повеќе куршуми кон него.

  • А.М.(50) се здобил со прострелни рани во пределот на градниот кош и бил пренесен во ГОБ„Св Наум Охридски“ за укажување на лекарска помош, каде во 11.00 часот од страна на доктор била констатирана смрт, соопшти МВР. 

Убиецот избегал со зелен автомобил, а полицијата е во потрага по него. На местото на убиството, полицијата изврши увид и ги собираше чаурите и другите траги.

Сега, сторителот е во бегство, но и претходно бил бегалец за кого имало распишана меѓународна потерница за повеќе извршени крвни деликти.

Полицијата повикувајќи се на сведок на злосторството соопшти дека осомничен е М.Џ. Станува збор за Муса Џавит, кој е осомничен за уште едно убиство во Батинци, како и за уште еден обид за  убиство.

Издржувал затворска казна во Шутка за нелегално поседување на оружје, а Џавит е еден од затворениците кои добивале слободен противзаконски излез од Шутка за приватни потреби поради што е обвинет поранешниот директор на затворот Филип Андов Сокол.

Лани, откако ја издржал казната, Џавит е пуштен од затворот, по што учествувал во убиство извршено ланскиот јули во Батинци. Ова убиство од минатата година е дел од 7-те убиства нарачани од скопскиот клан Беланоца и беше расветлено во изминатиот период, во акција на МВР.

Џавит повеќе од година успешно се криеше, а успешно и избегнал и акција за негово апсење која била спроведена на почетокот на овој месец.

Со убиениот имал лични недоразбирања. Жртвата не дозволувала блиско лице од семејството да има релации со припадник на скопското подземеј поради што Џавит претходно му се заканувал. Но, денеска го начекал и го застрелал во автомобил киа.

Убиениот, офицер на АРМ Агим Муареми имал 50 години, а во увидот учествуваше и воена полиција, соопштија од Армијата.

  • Изразуваме длабока жалост до семејството на починатиот. За време на трагичниот настан лицето не било на служба во Армијата, односно било на користење слободен ден, соопштија од АРМ и од Одбрана. 

Обвинителството соопшти дека извршило увид и во тек е потрага по убиецот кој е идентификуван, но во бегство.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(видео)Oдделот за имунологија на Детската клиника нема да функционира – пациентите ќе се препраќаат на други оддели

Дејан Дејан

Привремен прекин на системот „МојДДВ“ поради техничка надградба

Дејан Дејан

Во земјоделското училиште во Битола се запишале три деца – Јаневска вели наставниците не биле доволно ажурни и не успеале да привлечат ученици

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе