Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација Александар Јончевски го објави списокот на играчи за последните два натпревари од квалификациите за Европското првенство 2025 година. Ненад Димитријевиќ треба да го предводи тимот против Естонија и Полска, а повик има и за двајцата натурализирани кошаркари, Ти Џеј Шортс и Итан Хап, но само еден од нив ќе може да настапи на последниот квалификациски прозорец.
На првичниот список на Јончевски се најдоа 16 кошаркари, а само 12 ќе се најдат во конечниот избор. Меѓу повиканите го нема Дамјан Стојановски од МЗТ Скопје, кој играше на претходните натпревари во ноември. Од таборот на македонскиот шампион вкупно петмина добија повик, а тоа се Војдан Стојановски, Андреј Магдевски, Бојан Крстевски, Андреј Маслинко и Марин Петков.
Ненад Димитријевиќ ги предводи интернационалците, а повик има и за Андреј Јакимовски, кој настапува во Универзитетската лига во САД за тимот на Колорадо бафалос. Повик добија и двајцата Американци со македонски пасош, Ти Џеј Шортс, кој блеска во дресот на Париз во Евролигата сезонава, како и Итан Хап од Валенсија, кој веќе подолго време не игра поради повреда.
На списокот на Јончевски се најдоа и Стојан Ѓуроски, Дамјан Робев, Виктор Ефремовски и Андреј Шошќиќ од Работнички, потоа Теодор Симиќ од Кожув, Страхил Николов од ТФТ Скопје и Лејсон Зеќири од Башкими.
Подготовките стартуваат на 17-ти февруари во Скопје во салата „Кале“. Првиот натпревар го играме во Талин против Естонија на 21 февруари, а три дена подоцна во Скопје ја пречекуваме Полска.
Во рамки на групата Х, Естонија и Литванија се лидери со по три победи и еден пораз, а потоа следуваат Македонија и Полска со по една победа и три порази.