Македонската ракометна репрезентација ја оствари првата победа на Светското првенство и ја совлада Гвинеја со 29-20 во рамки на последното, 3.коло, во рамки на групата Д.
Со овој триумф Македонија го чекираше билетот за главната фаза на турнирот, каде ќе разигруваме со најдобрите три селекции од групата Ц, а тоа се Франција, Австрија и Катар.
Селекторот Кирил Лазаров реши да одмори неколку од стандардните играчи, па Марко Митев не беше ни во протоколот, а голманот Никола Митревски и Мартин Велковски не ни влегоа на теренот.
Иако почнавме доста слабо во првите 20 минути и премногу му дозволувавме на противникот, на полувремето водевме со 14-10. Во вториот дел влеговме далеку посериозно и имавме серија од 6-1 за да дојдеме до 20-11. Потоа го контролиравме натпреварот, а имавме и многу неискористени зицери за да стигнеме и до далеку поубедлива победа од 29-20.
Капитенот Филип Кузмановски повторно беше лидер во нападот и постигна 12 голови од 15 удари, а имаше и пет асистенции. Марко Кизиќ беше феноменален на голот и одбрани 15 удари.
Македонија во главната фаза пренесува само еден бод, освоен против селекцијата на Унгарија. Следниот натпревар го играме против Австрија во вторник, потоа во четврток се соочуваме со Катар, а во последното коло од главната фаза во сабота ќе ги одмериме силите и со фаворитот Франција. Сите натпревари повторно ги играме во Вараждин.