Првиот носител на Австралија опен и актуелен бранител на трофејот, Јаник Синер без проблеми се пласираше во осминафиналето. Грен слем турнирот заврши за двајца играчи од ТОП 10.
Синер во три сета го победи Маркос Гирон од САД со 6-3, 6-4 и 6-2, па во осминафиналето ќе ги одмери силите со Миомир Кецмановиќ или Холгер Руне.
Ветеранот Гаел Монфис направи големо изненадување и го елиминираше четвртиот фаворит Тејлор Фриц во четири сета. Французинот кој има 38 години на денешниот меч имаше 24 асови и закажа осминафинална пресметка со Бен Шелтон, кој пак беше подобар од Лоренцо Музети.
Во следната рунда се пласираа и Алекс де Минор, Лоренцо Сонего, Лернер Тиен и Алекс Микелсен.
Кај тенисерките, втората фаворитка Ига Швјонтек ја прегази Ема Радукану со 6-1 и 6-0, па во осминафиналето ќе се соочи со Ева Лис од Германија, која пак ја победи Жаклин Кристијан.
Елина Свитолина по стапките на нејзиниот сопруг исто така елиминираше ривал што го имаше епитетот, носител број 4, во овој случај Јасмин Паолини. Украинката славеше во три сета и нејзина следна ривална во осминафиналето е Вероника Кудерметова.
Шестата фаворитка Елена Рибакина во два сета беше подобра од Дајана Јастремка, Ема Наваро ја победи Онс Жабер, а во следната рунда се пласираа и Дарија Касаткина и Медисон Кијс.