Моќ на глобалната сцена, како цел на Европската Унија (ЕУ), е задача на уште неколку генерации во ЕУ. Тоа е цел која тешко би можела да се исполни во мандат на една Комисија, делумно поради природата на развојот на самата Европска Унија, инкременталниот развој од еден мал пазар на челик до еден од најголемите пазари во светот, рече Симонида Кацарска од ЕПИ, во вечерашната дебата во „Топ тема“ на ТВ Телма.
„Борбата за политичката димензија на ЕУ и надворешно-политичката димензија на ЕУ, трае уште од 50-тите години и најмногу поттикната од француското влијание, ако бидеме реални. Желбата за политичката заедница во ЕУ, трансформацијата од пазарот во политичка заедница е, најголем, некогаш пропаднат француски проект низ неколку генерации. Мислам дека 19-тата и геополитичката димензија беше, и на самата претседателка на Комисија, беше резултат на големото влијание што го имаше претседателот Макрон и неговите очекувања, пак, за стратешката сувереност на Европа, очекувањата и оние притисоци што ги креираше Франција дека ЕУ треба да се види себеси поинаку“, истакна Кацарска.
Во овој мандат на Комисијата, смета Кацарска, „ќе се види насоката на тоа дали ЕУ ќе биде доволно способна да се движи во заедничка насока уште подолг период од она што беше иницијален одговор кон руската инвазија на Украина што трае веќе две и пол години“.
„Ризикот што го гледам е во нестабилноста во клучните држави членки, претстојните избори во Германија и насоката која што таму ќе се земе, ситуацијата во Франција. Меѓутоа, не би ја потценила, од друга страна, улогата која што дел од новите држави кои што пристапија во 2004 година, пред сè Полска. Треба да имаме предвид дека Полска се јавува како трет најголем играч во ЕУ во моментот, по излегувањето на Обединетото Кралство. И Полска има визија која што многу повеќе ја дели на Каја Калас во контекст на градењето на геополитичката димензија на Европа“, истакна Кацарска.