Да се лета до повеќе дестинации на Блискиот исток. Ова ќе биде фокусот на ТАВ Македонија во иднина кој оперира со двата аеродрома во земјава. Од компанијата велат дека на повикот за субвенционирање на авиолонии мерка која новата влада одлучи да ја промени се пријавиле доста фирми. Генералниот директор на ТАВ Македонија Неџат Курт не откри кои, но рече дека дали ќе се воведе некоја нова авио линија или ќе влезе нова компанија на крајот финалната одлука ја носат самите тие.
- Има пријавено авиокомпании кои се заинтересирани за дестинации кои претходно беа оперирани од аеродромите, но и за нови. Не би сакал да ги отривам имињата зошто сега се заинтересирани, вие можеби ќе објавите вест, а после можеби повеќе нема да бидат заинтересирани. Ние постојано градиме односи и преговараме со авиокомпаниите со министри, со амбасадори, особено со министрите за надворешни работи кога доаѓаат за отворање на некоја авиолинија која е барана. Имаме и наша програма за субвенции на авиокомпании, но сепак на крајот одлуката за тоа дали ќе се воведе некоја дестинација или не или, пак, дали некоја авиокомпанија ќе почне да оперира од аеродромите останува на самите авиокомпании кои ја носат финалната одлука, изјави директорот на ТАВ Курт.
Концесијата на Тав Македонија со која ги работи двата аеродрома во земјава истекува 2032 година но турската компанија има интерес повторно да ја добие. Наскоро пред Владата ќе го претстават новиот мастер план за развој на двата аеродроми во следните 20 до 30 години.
Прашан за текот на истрагата за инцидентот на македонското небо од 7 септември, Курт рече дека ТАВ е одговорен за авионите кога се на аеродромот, а инцидентот се случил при прелет. Претставниците од авиосообраќајот очекуваат 2024 година на глобално ниво да се завши со 9.7 милијарди патници, со што ќе се надмине 2019 година кога имаше 9.2 милијарди патници.
Ирена Чачкова