Законот со кој ќе и` се овозможи на македонската влада да земе заем од 500 милиони евра од Унгарија, ги мина комисиските филтри.Мнозинството во комисиите за Финансирање и буџет и Законодавно-правната комисија, го проследи на понатамошно читање. Седниците беа свикани од претседателот на Собранието, Африм Гаши, откако претседателката на комисијата за Финансирање и буџет, Сања Лукаревска, од СДСМ вчера одби даго стори тоа, во обид да издејствува законот да се повлече од скратена постапка и да се носи во редовна постапка, со јавна расправа.Денеска ниту таа, ниту останатите пратеници од опозицијата не се појавија на седницата, за што беа обвинети за лицемерие.
Од СДСМ реагираа дека, со тоа што нема редовна постапка и нема експертска дебата, власта сака набрзина да го истурка според нив, скандалозниот и коруптивен закон.
Заменик-министерот за финансии уверуваше дека кредитот е оправдан и ќе се потроши за проекти на општините кои се заглавени во долгови. Заемот ќе се повлече во една транша, рокот за отплата е 15 години, со вклучен грејс период од три години. По тоа, ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година.Каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти. Македонија ќе ѝ плаќа на Унгарската експорт – импорт банка провизија за неповлечени средства во висина од 0,5 проценти од заемот на годишно ниво.Таа ќе се пресметува на дневна основа на неповлечениот дел од заемот, пресметано од датумот на достапност на средствата.
Собраниската седница на која треба да се гласа за заемот се очекува да се одржи следната недела, во вторник.
Далиборка Демјанска
