Младата македонска ракометна репрезентација не успеа да се пласира помеѓу најдобрите осум репрезентации на Европското првенство до 20 години во Словенија откако денеска во последниот натпревар од групната фаза ремизираше со Австрија 20-20. Само победа ја носеше Македонија во елиминациите, па сега ќе разигрува за пласман од 9-то до 16-то место на континенталниот турнир.
Нашите ракометари не загубија ниту еднаш во Групата А. Остварија убедлива победа против Црна Гора од 31-21 во првото коло, а потоа два пати ремизираа, 24-24 со Хрватска и денеска со Австрија 20-20. Иако без пораз младинците не минаа во главната рунда, бидејќи само првото место гарантираше пласман во ТОП 8.
Денеска на натпреварот во Целје, Австрија отвори подобро. Поведе со 4-1, па откако Македонија израмни на 6-6, противникот повторно се одлепи на +3 со 9-6. На полувремето имавме негатива од 11-10.
Македонија тргна подобро во вториот дел, а некаде во 48-та минута имавме највиската предност од 14-17. Австрија одговори со серија од 4-0 и тоа откако Македонија остана со играч помалку па противничкиот голман реализираше два пати од гол на гол. Во финишот беше вистинска драма, Македонија поведе со 18-19, но Австријците вратија со 20-19. Шулески погоди за 20-20. Откако Австријците не реализираа за водство, Македонија го имаше последниот напад, но Шулески направи техничка грешка и натпреварот заврши нерешено.
Димитар Узунчев со осум голови беше најефикасен во нашиот табор, Ненад Белистојаноски постигна пет, додека Славчо Шулески имаше три. На голот на Македонија блескаше Иван Галевски, кој имаше 15 интервенции. Кај Австрија најдобар стрелец беше Клеменс Мелешинг со четири голови.
Следно за нашите надежи е разигрувањето за пласман од 9-то до 16-то место.