Килијан Мбапе синоќа заработи скршеница на носот во тесната победа од 1-0 на Франција против Австрија на Европското фудбалско првенство.
Французинот во финишот од натпреварот, поточно во 86.минута со глава удри во рамото на австрискиот репрезентативец Кевин Дансо при еден воздушен дуел. Мораше да го напушти натпреварот, а медицинските прегледи покажаа дека се работи за скршеница на носот.
Вообичаено при вакви повреди, спортистите веднаш одат на операција, но Мбапе ќе почека по завршувањето на континенталниот турнир. Тој ќе продолжи да игра за Франција и тоа со заштитна маска, информираат од таборот на „триколорите“.
Следниот натпревар на Франција во рамки на групата Д на Европското првенство е на 21.јуни против Холандија, додека во 3.коло ќе се соочи со Полска на 25.јуни.