Вести Македонија Топ вести

Случај Веапоска: Супервештачење во предметот против тројцата доктори од струшката болница

Струшкиот суд нареди супервештачење во предметот против тројцата доктори од струшката болница, обвинети за тешки дела против здравјето во случајот со родилката Јилдиз Веапоска која по породувањето со царски рез остана без три органи.

Судијата се одлучил за овој чекор поради двете спротивставени вештачења во предметот. Едно предложено од обвинителството изготвено од Институтот за судска медицина, а другото е на одбраната.

Според Судска медицина, влошувањето на здравствената состојба на Веапоска е последица на делувањето на здравствениот тим во болницата во Струга. Вештакот на одбраната, пак, утврдил дека нема пропусти кај докторите.

„За жал, законот е таков каков што е. Овозможува вештачење од вештак поединец кое се споредува со вештачење направено од институција и тројца професори. Со тоа му дава право на судот да побара супервештачење кога имаме спротивни вештачења. Ова многу често се случува намерно и врз основа на никакви докази да се прават вештачења, кои се спротивни, само за да бидат спротивни на вештачењето дадено од Институтот за да можат да се прават супер вештачења“, изјави проф. д-р Александар Станков, директор на Институт за судска медицина. 

Веапоска смета дека докторите прават се за да се одолговлекува судењето.

„Врз мене лошо влијае и физички и психички и едвај чекам да дојде крајот и вистината да излезе. Не само за мене, туку за сите жени во Македонија да не молчат и да не запираат кога има лекарски грешки“, рече Веапоска.

Според одбраната, судијата нема избор, освен да бара супервештачерње. Адвокатот на Веапоска  очекува и тројцата вештаци во супервештачењето да ги потврдат вештачењето на Судска медицина.

„Со оглед дека вештаците предложени од Обвинителството и вештакот од одбраната кои ги дадоа своите извештаи и искази не успеаа да се усогласат, судијата донесе наредба да се изврши супервештачење. Кога ќе се добие тоа супервештачење ќе привршуваме со предметот“, изјави Александар Новаковски, адвокат на третообвинетата.

„Верувам дека тие луѓе солидно и квалитетно ќе си ја извршат својата работа и не се сомневам во квалитетот на супервештачењето. Јас сум убеден, ја знам вистината. Вистината е дека мојот клиент е оштетен поради дејствија на лекарите, а тоа има да се затвори со една квалитетна законска пресуда“, изјави Сашо Јанев, адвокат на Веапоска.

Обвинението против докторите Мухамед Асани, Блертон Асани и Лилјана Јованоска беше поднесено пред две години, а судењето продолжува на 3 јуни.

Елена Ивановска Мукоска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Двајца загинати во директен судар на патот Штип-Радовиш

Дејан Дејан

ЗНАМ со повик до гласачите – гласајте масовно и изберете претседател по сопствено убедување

Дејан Дејан

Македонија на 36 место според слободата на медиумите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе