За еден месец трошоците за живот зголемени за над 1.500 денари. Според податоците на ССМ во март едно четиричлено семејство за да ги покрие основните потреби треба да најде безмалку 59 илјади денари или 25 евра повеќе во однос на февруари. Од синдикатот велат дека од почетокот на годинава постојано има раст на синдикалната минимална кошница.
- Зголемувањето е најизразено кај делот со храната и пијалоците, што е резултат дека трговците не го послушаа апелот на ССМ и неосновано само во интерес на зголемување на својот профит енормно ги зголемија цените на прехранбените производи што резултира со нефер практики на трговците, и доведува до осиромашување на работниците и граѓаните, се вели во дописот од ССМ
Само за храна и пијалаци во месецот се трошат над 22 илјади денари. До скоро дел од производите беа под мраз- мерка со која на некој начин цените се држеа под контрола.
На почетокот на месецов се укина мерката со која беа замрзнати цените на дел од прехрамбените производи. Оваа мерка неколку пати беше пролонгирана, но последно Владата одлучи повеќе да не важи.
Граѓаните кои ги анкетиравме забележале скок на цените за одредени производи по укинувањето на мерката. Велат дека секојдневно се борат со скапотијата.
По одмрзнувањето на цените спасот од поскапувања се гледа во Законот за нефер трговски практики. Тој помина во Собрание, но за да стапи на сила ќе бие потребен период од шест месеци. Во меѓувреме стопанските коморите ја разгледуваат листата со над 2.500 производи кои ќе бидат со ограничени маржи.
До тогаш граѓаните се оставени на совеста на трговците. Пред извесно време вицепремиерот Битиќи пиша дека некои од нив соопштиле дека нивните цени и покрај укинувањето на мерката ќе останат непроменети.
Ирена Чачкова