Само уште два дена граѓаните ќе можат да ги купуваат дел од прехрамбените производи со замрзнати цени. На први март тие повеќе нема да ја имаат ознаката гарантирана цени. Ваквата мерка истекува, а ќе пораснат и царинските давачки за дел од зеленчукот. Продолжување на одлуките нема да има. Пред граѓаните е нов ризик од поскапување. Од Фајнанс тинк сугерираат дека треба многу да се внимава, затоа што досегашната пракса покажала дека при секое одмрзнување на цените тие одат нагоре.
– Минатото искуство покажа дека после прекин на мерката има пораст гледано глобално имаме стабилизација на цените на инпутите и затоа практиките на движење на цените треба да се анализираат и моторираат. Ако постојат монополски здружување треба да се реагира со други форми на мерки. Замрзнувањето на цените го дадоа своето, но исто така таа мерка мора да прекине треба да се води сметка и за фискалниот простор и сепак живееме во пазарна економија, вели Благица Петрески, од Институт за економски истражувања и политики Фајнанс Тинк
Анализите покажале дека на почетокот кога почнало да се воведуваат вакви мерки тие не биле доволно таргетирани, и најмногу корист од нив имале побогатите. Но, потоа помогнале и кај оние најранливите. Препорачуваат да продолжат само мерките за оние на кои им се најпотребни, а субвенционирањето на струјата да престане.
-Дел од препораките се дека ние треба да научиме дека зачестеноста на кризите ќе биде многу поголема треба да се научиме економијата да ја направиме отпорна, а не секоја една криза да ја спасуваме, додава Петрески.
Освен тоа што ќе се одмрзнат цените на основните производи , завршува и мерката со која царинските давачки за дел од зеленчукот се намалија на 10 отсто. Пред да се донесе ваквата одлука се движеа од 30 до 65 проценти.
Од министерството за економија пак уште пред неколку дена се изјаснија дека мерките нема да продолжат. Спасот го гледаат во законот за нефер трговски практики кој е во Собрание. Се надеваат дека наскоро ќе биде донесен и ќе ги реши проблемите со цените.
Во меѓувреме статистика објави дека на едно четиричлено семејство за да го истурка месецот му се потребни околу 1.000 евра.
Ирена Чачкова