Спорт Фудбал

Миленковски: Не го мешајте ФК Вардар во вашите политички каши!

Фудбалскиот клуб Вардар наскоро би можел да добие странски инвеститор, кој би го преземал на 10 години со отплата на милионскиот долг. Од навивачката група „Комити“, која моментално раководи со клубот, велат дека има преговори со странски инвеститор, но во исто време има и многу пречки за тој да влезе во клубот. 

Од таборот на нашиот најтрофеен фудбалски клуб прво бараат од државните институции да дознаат колку точно изнесува долгот на Вардар. Засега нема одговор од Управата за јавни приходи, а од ПУИГ, кој стопанисува со нашиот најголем стадион „Тодор Проески“, веќе има некаков договор за сервисирање на долгот од 200.000 евра.

„Како се однесува оваа држава, кога е најавен странски инвеститор да инвестира 18 милиони евра во ФК Вардар (по 1,8 милиони евра во следните 10 години), тоа значи и инвестиција во државата. Тоа е најава што се случува во позадина. Се работи за можна инвестиција, покривање на основниот долг на Вардар од приближно 3 милиони евра. Сакаме да знаеме и колку точно изнесува долгот. Државата вообичаено дава поволности за странските инвеститори, ако и во овој случај е да, зошто ние немаме одговор на нашите барања да знаеме колкав е долгот?“, прашува Милорад Миленковски од „Комити“.

Градот Скопје исто така изгласа помош од 15 милиони денари за ФК Вардар пред повеќе месеци, но овие пари не се легнати на сметката на клубот, кои секако ќе бидат од огромна помош за сервисирање на стари долгови, но исто така и за исплата на моменталните трошоци.

„Зошто не се спроведува точката за помош на 15 милиони денари од Град Скопје? Советот ја донесе таа одлука, но не е спроведена. Таа одлука не ни значи ништо ако е само тапкање по рамо. Ние немаме добиено ни денар на сметката. Тука веројатно се работи за почитички препукувања? Тргнете го настрана Вардар и не го мешајте Вардар во вашите политички каши!“, додаде Миленковски. 

На денешната прес-конференција, актуелните предводници на клубот напоменаа дека одредени актуелни помагатели и спонзори на клубот не сакале јавно да бидат именувани, бидејќи трпеле притисоци.

„Сите кои го кочат ФК Вардар имаат време да се приклучат кон помошта на клубот. Сакаме Вардар да биде ослободен, не бараме ништо за себе“, велат од таборот на „црвено-црните“.

До jавноста се обрати и новиот спортски директор  Ѓоко Хаџиевски, кој е тренерска легенда на Вардар, но и оваа улога не му е новост. 

„Не сум разочаран од моменталната позиција на табелата, но сум разочаран од неактивноста на многу луѓе кои можат да помогнат. Оние што помагаат за клубот е за ‘капа долу’“, рече Хаџиевски, кој во клубот се врати на волонтерска основа и да му помогне во најтешките  моменти. 

Најавено е дека тимот ќе се врати во својот тренинг центар во Хиподром, а наскоро ќе биде отворено и игралиштетото во Општината Аеродром веднаш до СЦ „Јане Сандански“, кое ќе служи како база на новата академија на клубот. 

Вардар, сепак, го очекуваат уште тешки месеци на битка како на теренот така и надвор од него. Можеби засега поважно е клубот да застане на нозе и да ги реши финансиските проблеми, пред да почне да се враќа на победничките патеки на теренот.

Фото: Игор Паневски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Беше на украинскиот фронт од првиот ден на војната – загина двократниот европски првак во кревање товар

Дејан Дејан

Осум каратисти на „Макпетрол“ ќе учествуваат на Европското првенство во Задар

Дејан Дејан

Осум каратисти на „Макпетрол“ ќе учествуваат на Европскиот Шампионат во Хрватска

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе