Вести Најважни Свет

Убиени тројца од вооружената група во селото Бањска на северот од Косово

Ситуацијата во српското село Бањска на северот на Косово продолжува да биде напната, иако многу од деталите сѐ уште се нејасни. Спорадични престрелки меѓу сѐ уште непознатата групата вооружени лица и косовската полиција продолжуваат да се одвиваат, а во нив до сега се убиени тројца од припадниците на групата и полесно повреден бил уште еден полицаец. Косовската полиција соопшти и дека успеала да уапси еден од припадниците на групата, а уапсени се уште четири лица кои полицијата ги поврзува со групата, а кои биле приведени кај Рударе при сообраќајна контрола на возило, во кое пронашле радиостаница.

Косовскиот премиер Албин Курти го обвини Белград за оркестрирање на овој напад, кој според него го извршува добро организирана и опремена криминална група.

Јас барам од сите овие поединци да им се предадат на безбедносните органи, бидејќи ние сакаме владеењето на правото, мирот и безбедноста да важат за сите граѓани без исклучок. Значи, ова не е некаква борба со вооружени цивили, туку со луѓе кои се опремени со тешко вооружување и претставуваат голема опасност, на само по уставниот поредок и законите на Косово, туку и по безбедноста на сите граѓани, рече Курти.

Белград ги отфрла обвинувањата на Курти, посочувајќи дека Приштина побрзала вината да ја префрли на Белград, без да ги утврди сите факти на настанот. Српскиот претседател најави обраќање до јавноста вечерва.

Престрелката започнала нешто после 2 часот и 30 минути утрото откако Единицата за брза интервенција на косовската гранична полиција забележала дека на влезот во Бањска биле поставени камиони без регистрација, со кои бил блокиран патот кон селото. Три полициски единици се упатиле кон локацијата, но кога пристигнале во близина на блокадата кон нив бил отворен оган од повеќе различни правци со разновиден арсенал на огнено оружје.

Косовските полицајци почнале битка со маскираните напаѓачи и успеале да ги извлечат повредените колеги. Биле префрлени во болницата во Јужна Митровица каде е констатирана смрт на еден полицаец, додека вториот е вон животна опасност.

Според информациите од косовската полиција напаѓачите се распроедени во и околу манастирот во селото, од каде што продолжуваат со споредичните напади кон безбедносните сили. Полицијата тврди дека само ги брани своите позиции и ги повикува да се предадат. Со цел смирување на ситуацијата и избегнување понатамошна ескалација, тие упатија и повик до месното население да соработува со безбедносните сили.

Игор Трајков

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Што мислат за истополовите бракови, дали црквата треба да плаќа данок и колку партиските лидери им се шефови и им „бркаат“ гласови- Пендаровски и Силјановска во Претседателската дебата на Телма

Дејан Дејан

Наместо бројки, партиите треба да презентираат политики за економски раст, сметаат економските експерти

Дејан Дејан

Велигденски креативи кои ќе ви помогнат да ја разубавите претстојната трпеза

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе