Вести Економија Топ вести

ЕЦБ со ново зголемување на каматната стапка, тврди банкарскиот сектор е далеку поотпорен од 2008 година

И покрај турбуленциите кои го потресуваат глобалниот банкарски сектор изминатава недела, Европската централна банка (ЕЦБ) за половина процентен поен ја зголеми каматната стапка. Претседателката Кристин Лагард инсистира дека банкарскиот сектор е отпорен на такви шокови, а ЕЦБ има подготвено сет на мерки кои би обезбедиле солвентност и би го поддржале финансискиот систем на еврозоната. Според Лагард, банкарскиот сектор е во многу подобра позоција отколку што беше во 2008 година.

„Будно ги следиме моменталните турбуленции на пазарот и сме подготвени да одговориме, доколку има потреба за да се зачува ценовната стабилност и финансиската стабилност на еврозоната“, рече Кристин Лагард, претседателка на ЕЦБ.

Последната банка која наиде на проблеми беше „Кредит Свис“, која побара 50 милијарди франци од Швајцарската народна банка, затоа што биле забележани одредени слабости. Паниката која се прошири, откако најголемиот акционер во банката, саудиската национална банка соопшти дека нема да купи дополнителни акции, ја урна вредноста на акциите на „Кредит Свис“ за 40 проценти, пред да се стабилизираат пазарите по заемот од Швајцарската народна банка.

Според експертите, потресите кои го погодија банкарскиот сектор последниве неколку денови ги потсетуваат инвеститорите на почетокот на финансиската криза во 2008 година.

„Довербата е апсолутно витална, и мислам сеќавањата за тоа колку многу од неа што беше изгубено во периодот од 2007 до 2009 сѐ уште постојат. Токму затоа е толку малку потребно за луѓето да се исплашат, дури иако, како што стојат сега работите, банките се далку подобро осигурени, особено во Европа, во Обединетото Кралство и во наголемиот дел од САД, за разлика од тоа како беше пред 15 години“, изјави Рус Молд, аналитичар за инвестиции во „ЕјЏи Бел“.

Проблемите во банкарскиот сектор испливаа на површина по минатонеделното неочекувано пропаѓање на 16-та по големина американска банка, Силикон вели бенк, што пак го предизвика и пропаѓањето на њујоршката Сигначр бенк. Американските регулатори беа принудени да интервенираат, ставајќи ги банките под државна контрола, за да спречат поголема банкарска криза.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Двајца прилепчани носеле 3 килограми марихуана и автомат со рент-а-кар

Дејан Дејан

Дејан Дејан

Договор во три фази кој вклучува повлекување на Израел од Газа – Хамас прифати предлог за примирје кое би водело до траен прекин на огнот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе