Вести Економија Македонија

Третина од пензиите се исплаќаат од државниот буџет, Пензискиот фонд и натаму е во минус кој расте поради короната

Доколку некој пензионер во 2020-тата добивал 15.000 денари пензија, 28,7% од тие средства или 4.307 денари не доаѓале од пензискиот ПИО Фонд туку се исплаќаат со пари од државниот буџет. Процентот го пресмета Државниот завод за ревизија кој утврди дека во првата пандемиска година, минусот на ПИОМ почнал да расте повторно и да се зголемува уплатата односно субвенцијата од државниот Буџет.

Согласно Законот за ПИО, средствата потребни за остварување на правата од ПИО се обезбедуваат со приходи од наплата на придонесот за ПИО, дел од износот на платената акциза за енергенти, трансфери од Буџетот на РСМ, дивиденди на акции и добивка од удели, имотот на Фондот и други приходи. Вкупните остварени приходи на Фондот во 2020 година изнесуваат 77.682.635 илјади денари или повеќе од 1,2 милијарди евра (1.263.132.276 евра).

Изворните приходи т.е. приходите од наплатен придонес за ПИО во 2020 година се зголемени за 10,5% во однос на претходната 2019 година и изнесуваат 46.341.881 илјади денари (околу 753 милиони евра), што претставува учество од 59,66% од вкупно остварените приходи на Фондот.

Сепак оствареното зголемување на приходите во 2020 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за социјални бенефиции кои исто така бележат раст од година во година.

Имено, расходите за социјални бенефиции (исплата на пензиските примања заедно со придонесот за здравствено осигурување на пензионерите, трансферите до вториот пензиски столб и инвалиднината) во 2020-та година изнесуваат 76.795.935 илјади денари за вкупно 326.295 корисници на пензиски примања заклучно со декември 2020 година исплатите се за 5,6% повисоки во однос на 2019 година.

Според овие пресметки на ДЗР, просечната бруто пензија во 2020-тата изнесувала 319 евра. (продолжува по линкот).

Ревизорите не се убедени во вистинитоста на податоците што им ги дал ПИОМ

Фондот и покрај зголемување на приходите по основ на придонеси од ПИО има недостаток (дефицит) на средства за исплата на расходите за социјални бенефиции (пензии, придонеси, втор пензиски фонд и слично), поради што во 2020 година се трансферирани средства од Буџетот на РСМ во висина од 29.852.353 илјади денари (околу 485 милиони евра).

Бидејќи според вториот ребаланс, државниот Буџет во 2020-тата изнесуваше 4,111 милијарди евра испаѓа дека секое девето евро од државниот Буџет (од парите на граѓаните) завршило во Фондот за ПИО. Во проценти, 11,8 % од државниот Буџет се трансферирани во Пензискиот фонд во 2020-та пандемиска година.

Парите од буџетот се префрлени преку:

  • – Министерството за труд и социјална политика во вкупен износ од 29.339.000 илјади денари од кои 17.286.000 илјади денари за покривање на дефицитот на Фондот за исплата на пензии и 12.053.000 илјади денари за покривање на законските обврски по основ на ПИО и
  • – Министерството за одбрана, во износ од 513.353 илјади денари.

Ова значи дека од државниот буџет се уплаќа 38,4 % од вкупниот буџет (приходите) на Фондот за ПИО, додека директно за исплата на пензиите тој процент изнесува 28,7% од вкупната исплата на пензионерите.

Во законските обврски на ПИО спаѓа и исплата на пензии за корисници на минимални земјоделски пензии, воени пензии и други корисници, како и за трансфери до вториот пензиски столб.

ДЗР во својот извештај констатира дека сегашната енергетска криза и претходната пандемија влијаеле врз бројот на вработените, а преку тоа и преку приливот на средства уплатени преку придонеси.

Ниту предвидувањата на државните ревизори не се розови, инфлацијата оваа година ќе носи и зголемување на пензиите за повисок процент што пак значи и поголеми расходи на Фондот за ПИО без разлика на наплатата на придонесите кои или се статус кво во проценти или пак благо се намалуваат.

За подалечната иднина, ДЗР предвидува дополнително намалување на бројот на вработено и активно население, а зголемување на бројот на пензионерите.

-Вкупниот број на пензионери се очекува да забележи пораст од околу 335 илјади лица во 2019 година на околу 390 илјади лица во 2030 година, за успешно сервисирање на овие обврски на Фондот ќе биде потребно зголемување на изворите на приходи кои ги остварува Фондот. Во врска со ова се поставува прашањето околу можноста за зголемување на приходите на Фондот од уплатите за социјални придонеси од страна на обврзниците со оглед на тоа што согласно проекциите се очекува намалување на вкупниот број на осигуреници од 577 илјади обврзници во 2019 година на околу 556 илјади обврзници во 2030 година, а соодносот пензионери/обврзници ќе се намали од 1:1,8 на околу 1:1,42 во 2030 година, стои во извештајот на ДЗР објавен денеска.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Привремен прекин на системот „МојДДВ“ поради техничка надградба

Дејан Дејан

Во земјоделското училиште во Битола се запишале три деца – Јаневска вели наставниците не биле доволно ажурни и не успеале да привлечат ученици

Дејан Дејан

СДСМ: Мицкоски по „козметичката“ реконструкција на владата ќе најави предвремени избори оти нема пари во буџетот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе