КОВИД-19 набавките сѐ уште изобилуваат со проблеми и со ризици од корупција констатираат од Центарот за граѓански комуникации, кои извршиле мониторинг на 40 јавни постапки за јавните набавките во првите шест месеци од минатата година. Мониторираните постапки претставуваат 38 % од сите КОВИД-19 тендери во периодот на мониторинг, а нивната вредност од 5,7 милиони евра е 36 % од вредноста на сите КОВИД-19 тендери во анализираниот период.
И во 2021 година, јавните набавки поврзани со КОВИД-19 изобилуваат со проблеми и со ризици од корупција, иако зад институциите е цела една кризна година на искуство каква што беше 2020. Иако набавувале исти стоки, услуги и работи – отсуствува воедначеност меѓу институциите во описите на предметите на набавка. Цените на набавените стоки се највисоки онаму каде што имало само една понуда . Така, кај набавките на ракавици, онаму каде што имало конкуренција ракавиците чинеле 2,43 денари, а во тендери во кои е добиена само една понуда ракавиците достигнале цена од 11,21 денар. 5.000 респираторни маски Н95 се купувани по цена од 9,73 денари, а 60.000 вакви маски по цена од 41 денар.
Во ниту една од мониторираните постапки за јавна набавка не е почитувана законската обврска за детално образложение за потребата од набавката, се вели во извештајот за ковид набавките од страна на центарот за граѓански комуникации.