Економија Топ вести

Синдикатите не отстапуваат од 18.000 денари минимална плата – велат и тоа е малку

Денес блокиран беше само еден булевар и тоа е само вовед. Синдикатите денес последен пат предупредуваат дека подготвуваат блокади на крстосници, патишта, плоштади и институции ако нивните барања не бидат слушнати и реализирани. Повеќе месеци заговараат зголемување на минималната плата, но цело време наидуваат на отпор од работодавачите и носителите на одлуки. Отстапки сепак нема да има, јасни се од Сојузот на синдикати.

Токму енергетската и здравствената криза и сплетот на други фактори донесе и повисоки цени за живеачка. Барањето на синдикатите е 18.000 денари да биде минималната плата и скалесто да растат сите други плати. И тоа е најмалку што може да се побара сметаат работниците кои беа на протестот пред Стопанската комора на Македонија.

Документите до кои дојде Телма покажуваат подетално какви се предлозите на бизнис заедницата. Во фокусот на предлогот на Организацијата на работодавачи на Македонија е – со новото решение, висината на минималната плата да се усогласи со вкупниот пораст на индексот на трошоците за живот и исто така да се усогласува со реалниот пораст на бруто домашниот производ што е поврзано со продуктивноста на државата во целина. Предлагаат и да не може минималната плата да изнесува помалку од 50% од просечната плата во државата. Според ова, би значело дека минималната плата би била нешто над 16 илјади денари.

Додека пак, од Бизнис конфедерација на Македонија и Занаетчиската комора сметаат дека треба да има финансиска помош за исплата на минималната плата, односно, на работодавачот кој исплатил минимална плата во октомври, ноември и декември 2021 година да му се обезбеди финансиска помош за исплата на минимална плата од Буџетот на државата и тоа 2800 денари по вработени за работниците кои биле во работен однос кај работодавачот во моментот на промената во Законот, или пак, 50% од бруто износот на покачувањето. Овој предлог би значел дека според сегашните пресметки, минималната плата би била 18 илјади денари, но субвенционирана од државата.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Наместо бројки, партиите треба да презентираат политики за економски раст, сметаат економските експерти

Дејан Дејан

Екстрадиција на Палевски: Кои се процедурите за испорачување на бегалци

Дејан Дејан

Се враќаат старите цени за осигурување за регистрација на возила

Сашо Чавдаров

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе