Нема договор, затоа што работодавачите тактизираа и изнесоа нов предлог за одредување на минималната плата , со одредена методологија, која за нас работниците не е прифатлива. Според нашите проценки, доколку ја прифатиме таа методологија, минималната плата би изнесувала 16 164 денари, што за ССМ и останатите синдикати кои присуствуваа на советот, јасно и гласно кажаа “не”. Еден од нашите главни аргументи е дека минималната синдикална потрошувачка кошница во моментов изнесува 35 040 денари. Знаејќи дека две минимални плати од 16 164 денари не можат да ја покријат таа минимална потрошувачка кошничка , со која работникот би можел не да го живее тековниот месец , туку да го преживее ни фалат 2 070 денари, изјави во вечерашната Топ Тема, посветена на неуспешниот социјален дијалог, првиот човек на ССМ Дарко Димовски.
Ангел Димитров, од организацијата на работодавачите, изјави дека не постои држава во светот, поготово европска држава каде што платата се одредува врз основа на лицитирање, таа треба да е базирана на анализи на бројки и на состојбите во економијата и на пазарот на трудот а не на база на нечии желби.
Димитров тврди дека со предлогот на работодавачите за промена на методологијата на пресметка на минималната плата најреално ќе се приспособува таа врз основа на растечките трошоци на живот.
Синдикалците не отстапуваат од барањето за 18 000 денари минимална плата, потврди првиот човек на ССМ во вечерашното издание на Топ Тема, додека работодавачите тврдат дека доколку владата инсистира на политичко решение, тоа секако ќе мора да биде со субвенции што неминовно ќе доведе до зголемување на јавниот долг, за што ќе треба да ја сноси одговорноста.