Економија

Дождот ги уништи градинарските култури

Обилните октомвриски дождови ќе ја пролонгираат есенската сеидба во најголемата житница, Пелагонија, најмалку за еден месец. Досега наврнаа над 150 литри на метар квадратен, површините се презаситени со вода поради што земјоделците не можат да ги направат подготовките за оваа сложена земјоделска операција.

Состојбата во Пелагонија не е воопшто поволна, не се ожнеани пченките, стрништата не се изорани, ќе доцни есенската сеидба на јачменот и пченицата во Пелагонија, вели Злате Џумковски, земјодлец од Логоварди.

Во вода и кал по нивите скапуваат и градинарските култури.

Ќе има големи проблеми затоа што не може да се соберат од голема влага, а на Пелистер веќе има снег, значи можна е и појава на слана, вели Борче Врџовски, земјодлец од Логоварди.

Големата количина дожд во октомври не само што ќе ја пролонгира сеидбата, туку ќе ги зголеми и трошоците на земјоделците, а и штетите се веќе големи, велат агрономите.

Доколку дозволат понатаму временските услови да може да се влезе во нивите, таму ќе треба да се интервенира со поголема сеидбена норма, значи со повеќе семенски материјал, а што се однесува на градинарските култури, сѐ што е останато во полето нема да може да се собере, вели Горанчо Томевски, советник во АПРЗ-Битола.

И додека обилните врнежи предизвикаа проблеми во земјоделието, задоволни од приливот на вода се во ЈП Стрежево, каде поради големата суша акумулацијата ова лето го достигна минимумот. Сега врнежите донесоа 1 милион метри кубни вода, со што во моментот има 35 милони, но тоа е само  една третина од потребните количини за следната сезона.

Потребно е да имаме околу 95 милиони во езерото, односно 65 милиони прилив на вода, тоа ќе биде доволна количина за наводнување на земјоделските парцели, снабдување на РЕК Битола и водоснабдување на градот Битола, вели Јоан Дојчиновски, дипломиран градежен инженер  во ХС „Стрежево“.

Колкави количини на врнежи ќе има, и дали ќе се акумулира доволно во Стрежевската акумулација, не може да се предвиди. Токму поради тоа од јавното  претпријатие  аплерираат на рационално и внимателно користење на водата.

Емилија Мисирлиевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Дали ќе се раскинува договорот со “Бехтел&Енка” за над милијарда евра вредните коридори?

Дејан Дејан

Милијардата ќе биде европска, но не унгарска, објаснува Мицкоски

Дејан Дејан

Цените на бензините, дизелот и екстра лесното масло за домаќинство остануваат исти, се намалува само цената на мазутот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе