Македонија Најважни

Антикорупциска ја прошири истрагата за Рашковски- спорни се набавки од 290 илјади евра

Антикорупциска ја проширува истрагата во аферата со Драги Рашковски. Пронајдени се нови злоупотреби при набавките во Генералниот секретаријат на владата, вредни над 290 илјади евра. Сите докази ќе ги достават до Јавното обвинителство кое го презема случајот. Се работи за набавки независно од софтверот од 80 илјади евра, за кој е Рашковски во притвор.

Отворен е и предмет за претседателката на Судскиот совет, но постапката е закочена затоа што Павлина Црвенковска нема доставено матичен број на нејзиниот сопруг и не навела кои се членови на нејзиното семејство за да можат сите да бидат опфатени со истрагата.

За случајот со набавката на кинеските вакцини, од Народна банка е добиен документ за исплата на  седум милиони и 800 илјади долари за увоз на стока, кои Министерството за здравство ги има исплатено на Стабри Интернешенел од Хонг Конг. Подоцна, преговорите се прекинати, парите се  вратени и е склучен директен договор со „Синофарм„. Повеќе детали засега не се откриваат.

Отворен е предмет и за скопскиот градоначалник, Петре Шилегов,  за набавката на противпожарната скала, што самиот го побара од нив. Но, претседателката Ивановска му порача дека е неблагодарно сам себеси да се пријавува со сомнежи за корупција и повика, во пресрет на локалните избори, политичарите да не ги злоупотребуваат за политички поени.

Таа денеска укажа и дека, состојбата со корупцијата во државата не се подобрува. Злоупотребата е најизразена при вработувањата, издавањето на дозволи за градба, решенија, концесии и при судски одлуки. Дури 30 отсто од пријавите во Комисијата се за  злоупотреби при вработување. Спорни се и изборот и разрешувањето на директорите на јавните претпријатија и акционерските друштва.

Контролните органи не се бунат за злоупотребите, што според антикорупционерите, укажува на поврзаност. Годишниот извештај покажува дека, најголеми извори на корупција, злоупотреба на службена должност и судир на интереси се правосудните органи, владата и општините. Подложни се на изразено политичко влијание, невладеење на правото и отсуство на личен интегритет, што е поткрепено со недоречености во законите.

Далиборка Демјанска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пелагониските сточари на протест, бараат исплата на субвенциите и повисоки откупни цени

Sasko Dimovski

Се пролонгира одењето во затвор за Стевче Јакимовски – судот ја „чешла“ неговата медицинска документација

Sasko Dimovski

Околу 150 телефонски разговори меѓу обвинетите во ИПАРД на следното рочшите – денешното се одложи, на обвинет му се слошило во притвор

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе