Ракомет Спорт

Нема попуст за Швајцарија: Македонските ракометари испишаа нова историја

Македонската ракометна репрезентација со победа ги заврши квалификациите за Европското првенство и го урна сонот на Швајцарија за пласман на турнирот. Нашите ракометари веќе имаа обезбедено седмо учество на Европските првенства, но не му дадоа попуст на ривалот да го направи истото.

Македонија ја победи Швајцарија со 29-28 во последното коло од квалификациите. Во првото полувреме нашата селекција имаше доста проблеми во одбраната поради играта 7 на 6 на гостите, кои го диктираа резултатот и во неколку наврати имаа и највисока предност од +3. На полувремето резултатот гласеше 16-16.

Во вториот дел, Македонија заигра подобра одбрана, а на сцена стапи и голманот Никола Митревски, кој имаше 10 интервенции во вторите 30 минути од вкупно 15-те. Слично како и против Финска во минатото коло, така и денеска го скршивме отпорот на гостинот во последните десетина минути. Имавме серија од 3-0 по која поведовме со 26-23 и до крајот не го испуштивме водството.
На Швајцарија ќе и одговараше и бод за да се пласира на Европското првенство, но македонските ракометари не дозволија такво нешто.

Филип Кузмановски и Кирил Лазаров постигнаа по шест голови, Гоце Георгиевски имаше четири од кои три во клучните моменти од натпреварот. Кај Швајцарија Лени Рубин постигна девет голови, а Енди Шмид еден помалку.

Македонската репрезентација во Групата 7 на конечната табела завршува на втората позиција со 10 бодови, колку што има и провпласираната Данска, но актуелниот светски и олимписки шампион е пред нас поради подобриот скор во меѓусебниот дуел. Ова воедно беше и нашиот најдобар скор во еден квалификациски циклус.  Швајцарија остана на само четири бода, додека Финска заврши без бодови, откако денеска беше декласирана и од Данска со 46-24.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ФОТО галерија: Ракометарките на Ѓорче Петров ја освоија двојната круна

Дејан Дејан

ФОТО галерија: Галевски го донесе првиот трофеј за Алкалоид

Дејан Дејан

ФОТО галерија: Андреев и Гавриловиќ најдобри на триатлонот во Скопје

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе