Собранието попладнево не ја прифати иницијативата на Алијанса за Албанците и Алтернатива, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, за отповикување од функцијата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. „За“ интерпелацијата гласаа 11 пратеници, 60 „против“, а немаше воздржани. Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не учествуваа во дебатата и не гласаа.
Министерот Спасовски во завршните зборови пред гласањето истакна дека расправата за неговата интерпелација ја смета како висок чин на демократијата.
И на крајот, посебно упатувам порака до пратениците на парламентарното мнозинство. Кога ќе одлучувате за интерпелацијата да одлучувате по ваша совест врз основа на она што сме го сработиле, на фактите коишто ги презентирав пред сите вас и ако сметате дека тоа не е доволно ве молам да ја поддржите интерпелацијата на Алијанса да ме ослободите од позицијата министер, а доколку не сметате според вашата совет дека ова е исправно тогаш само ќе ви ветам дека и од утре натаму ќе продолжиме уште посилно, уште попосветено да работиме заеднички во интерес, а ве повикувам и вас почитувани пратеници на опозицијата приклучете се заедно да направиме нешто добро за нашата Македонија, нагласи Спасовски во обраќањето.
Иницијаторите на интерпелацијата бараа одговорност од министерот Спасовски за, како што наведоа, бегството на Никола Груевски и Сашо Мијалков, но и за случаите со давањето македонски пасоши на меѓународни криминалци и за лицата со двојни матични броеви.
Пратениците од СДСМ во текот на попладневната дебата истакнаа дека интерпелација е беспредметна и сега не треба да се дискутира за тоа туку, како што велат, да се решаваат важни проблеми на граѓаните.
Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не можеа да се обратат бидејќи не беа ставени на листата на говорници, поради тоа што, како што беше објаснето од претседателот на Собранието Талат Џафери, тие својата листа ја доставиле до него со неколку часа задоцнување, а денеска нивен претставник не присуствувал на координација за да се договорат.
