Кои се луѓето кои одвнатре, од пасошката служба на МВР учествувале во скандалот со производство и продажба на нелегални пасоши со украден идентитет на криминалци од меѓународни потерници, од кои земји биле купувачите на македонските пасоши, како се одвивала истрагата и зошто нема крупни функционерски ѕверки во мрежата на истрагата Двојник, односно скандалот Мафија. Во емисијата КОД нови информации за оваа истрага во која беа уапсени 9 припадници на управните служби на МВР.
Единствената врска меѓу приведените е посредникот, скопјанец кој сега е во бегство и по него е распишана меѓународна потерница. Сликата на Раиф Мифтари е она од неговите лични документи, сликана во една од кабините на пасошките одделенија во Скопје- а сега е на потерница затоа што овозможил на стотина лица да добијат исти такви слики во пасоши со украден идентитет.
Тоа е првата иронија, втората е што стои дека постои основано сомнение за сторено кривично дело по член 353, односно за злоупотреба на службената положба и овластувања. А тој немал никаква позиција во МВР со што не можел да ги злоупотреби овластувањата. Само посредувал.
Начинот на кој Мифтари посредувал пак е несекојдневен, на дел од оние на кои има продавал валидни македонски пасоши со украден идентитет, Мифтари им обезбедувал и брза проверка на граничен премин. Клиентите барале да се потврди дека пасошот е вистински пред да ги дадат парите.
Мифтари заедно со нив се возел до преминот Блаце, ги покажувале пасошите и ја поминувале границата. Тогаш купувачите ги давале парите, во зависност од договорот, ама секогаш сумата не била помала од неколку илјади евра.
Всушност целата операција почнала првин со работници од Косово кои сакале македонски пасоши за да полесно одат и работат во западна Европа. И голем дел од овие 215 пасоши со туѓ украден идентитет всушност се купени од вакви работници. Цената им била многу помала од оние 20 илјади евра што во едно интервју ги објави министерот Спасовски.
Но за другите, криминалците приказната е поинаква. Досега се потврдени вкупно 40-тина криминалци со меѓународни потерници кои извадиле македонски пасоши.
Проверката и идентификацијата е извршена со американска стручна помош со софтвер за препознавање лица. Најмногу криминалци со наши пасоши имало од Црна Гора, па потоа 4-ца од Албанија, имало и луѓе со потерници од Италија, Србија, Словенија, Данска, Грција и Франција. Најегзотичните криминалци со македонски патни исправи биле двајца бразилци, еден жител на Перу и еден од Кувајт.
Идентитетот се крадел од луѓе кои имале македонско државјанство добиено пред повеќе децении, но никогаш не извадиле биометриски документ.
Миомир Серафиновиќ
Целото истражување за случајот Двојник/Мафија е објавено во емисијата КОД.