Каратистите на Макпетрол освоија шест медали на интернационалниот турнир во Тузла, Босна и Херцеговина.
Ангела Мојсовска се закити со два медали, едно злато и една бронза, а најсјајно одличје освоија и Глигор Петков и Стефан Стојановиќ. Бронзени медали освоија и Моника Пендаровска и Марија Петровска.
На овој силен турнир учество земаа вкупно 888 натпреварувачи од дури 75 клубови од поранешна Југославија.
„Сакам да истакнам дека многу сме задоволни од постигнатиот резултат“, изјави тренерот на Макпетрол, Бошко Заборски. „На овој турнир заминаа осум спортисти, а успеавме да освоивме шест медали. Задоволството е поголемо, бидејќи медалите се освоени во сениорска конкуренција. Овој турнир беше предвиден по планот и програмата на клубот, иако сите сме затекнати и работиме во отежнати услови поради пандемијата.
Ние како спортски колектив одлучивме дека мораме да продолжиме со спортски активности и направивме уште една одлична контрола за нашите репрезентативци. На овој турнир како што се гледа од пријавите, имаше голема масовност и многу голем квалитет , посебно во сениорска конкуренција.
Учеството на државите од регионот зборува дека сите многу сериозно се подготвуваат најнапред за претстојниот турнир закажан од страна на светската карате федерација во Истанбул на 12 март, но подготовките и контролите се и за Европското сениорско првенство, што е закажано во месец мај во Хрватска.
Во изминатиот период сите спортисти имаа ограничен број на настапи и затоа мораа да дојдат за да видат што треба да подобрат во своите техники и подготвеност. За нас е добро тоа што и Анѓела Мојсовска и Глигор Петков ќе бидат учеснци на претстојниот турнир од Светската карате лига, што ќе се одржи во Истанбул. Таму ќе испратиме шест сениори/ки од нашиот клуб“, заврши Заборски.
