Македонија

Само двајца водостопански инспектори ги контролираат водите во Македонија

Ова е Лидија Зафировска – една од двајцата инспектори за контрола на водите во цела држава. Понекогаш патува и повеќе од шест часа на ден во два правци, за да направи увид покрај реки и езера. Веќе седум години работи како инспекторка. За својата работа вели дека е доста неатрактивна бидејќи бара исклучителна посветеност, а носи и голема одговорност за мала плата.

Инспекторот секогаш го доживуваат како нешто лошо, нешто непотребно, нешто што пречи во моментот. Иако сме најавени и сме побарале со допис што да ни биде обезбедено кога ќе се појавиме на лице место, сето тоа е негативо пречекано каде што ќе се појавиме, со чест на исклучоците. Некаде велат „добро е што дојдовте, да знаеме како да постапиме, вели Зафировска .

Работа за водостопанските инспектори има многу. Освен распоред за редовни контролни инспекции, тие имаат и вонредни увиди – минимум педесет во една година. Речните водотеци се под силна и континуирана загрозеност и од индустријата и од домаќинствата. Во тоа се уверивме при една обиколка крај најголемата река во земјава.

Кај реката Вардар и во водите и на брегот, може да се забележат мали депонии за коишто основната човечка логика вели дека се извор на зараза, а стручните лица тврдат дека со таква вода не смее ниту да се помисли да се наводнуваат пиперки и домати или накратко – земјоделски површини.

Интересот за квалитетот на водите во Македонија започнува уште од средината на минатиот век. Тогаш, Епидемиолошкиот завод започнал со испитувања на реката Вардар и притоките и утврдуваат доста високи концентрации на тешки метали во водата, вели професорот на Природно математичкиот факултет, Светислав Крстиќ. Состојбата со водите во земјава тој ја оценува како загрижувачка и алармантна.

Водите коишто се како речни притоки гравитираат сите кон трите слива кои ние ги зафаќаме и тие се всушност колектори на сите површински и дури и подземни отпадни води кои ние како хумано општество ги испуштаме во речните текови. Во подоцнежното време имаме уште еден проблем, а тоа е изградба на комуналните системи за собирање на отпадните води, а без пречистителни станици. Едно еколошко непишано правило вели дека потребно е трипати подолг временски период да еден воден еко-систем се прочисти од влијанијата кои ги трпел, но тоа подразбира во моментов, веднаш да се престане со загадување, вели професорот Крстиќ.

Но, веднаш во моментов не може да се престане со загадување и институциите се свесни за тоа. Постојат регулативи и казни особено за големите индустриски капацитети коишто речиси секогаш се и најголеми загадувачи. Но, повеќе треба да се фокусираме на превенирање на големите штети отколку на казнување, вели директорката на Инспекторатот за животна средина.

Треба да бидат доволно прецизни насоките, барањата, за да според нив постапат инсталациите и ги пречистат отпадните води и со тоа да гарантираат дека нема да има такви инциденти. Треба да се зголеми и бројот на инспектори за да може да бидеме поприсутни на терен бидејќи подобро е да се превенира. Ние ако утврдиме дека некаде има можност за хаварија, тоа ќе се види на терен и ќе ја задолжиме инсталацијата да го подобрат одржувањето, тврди директорката Ана Петровска.

А, нови инспектори ќе се вработат најдоцна на пролет. Одлука за доекипирање на Инспекторатот донесе Владата на втори февруари. Тие ќе бидат обучувани и ќе полагаат за лиценци, па дури догодина ќе бидат подготвени самостојно да вршат надзори како дел од Државниот инспекторат за животна средина. Тоа најверојатно значи дека Лидија Зафировска и нејзиниот колега од Прилеп ќе добијат уште некој инспектор плус во своите редови, и нема да останат двајца водостопански инспектори во Македонија.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани соджини

48-часовен притвор за двајца од приведените во врска со убиството на лекарот Трпковски

Дејан Дејан

Хрватска може да и биде пример на Македонија за да оди по брзиот пат кон ЕУ

Дејан Дејан

36 актуелни пратеници на новите листи на ВМРО – ДПМНЕ, Мицковски потврден од ИО и ЦК да води во едница- Извисија новите колициони партнери Богојевски, Трајанов и Ангелов за пратенички кандидати

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе