Претседателот на организацискиот комитет на Летните олимписки игри во Токио, Јоширо Мори се повлече од функцијата.
Осумдесет и три годишниот Мори си поднесе оставка откако во јавноста беше критикуван за своите коментари во кои наведуваше дека жените премногу зборуваат на состаноците и порача дека Игрите се поважни од неговата функција.
“Најважно е ЛОИ да се одржат во јули и мојот случај или присуство не смеат да бидат пречка за тоа”, изјави Мори.
Се уште не е познато кој ќе го наследи, а се шпекулира дека Мори го предложил 84-годишниот Сабуро Кавабучи, кој претходно бил претседател на Фудбалската асоцијација на Јапонија, а во моментов е управник на Олимпиското село во Токио.
Медиумите во Јапонија потенцираат дека Мори и во минатото имал голем број на гафови, а посебно се истакнуваат неговите недипломатски изјави за време на неговиот мандат како премиер во периодот од 2000 до 2001 година.
Се најавува дека постои голема веројатност неговото место да го заземе жена и се наведува дека во моментов има барем три дами кои можат да застанат на чело на Организацискиот комитет.
Инаку поради изјавата на Мори, Игрите останаа без еден од главните спонзори, Тојота.
