Вести Македонија Најважни

Македонија на чекор до кинеските вакцини, датум за договор има, но не и за испорака

Во земјава конечно ќе стигнат првите вакцини против Ковид-19. Договорот со кинеската „Синофарм“ за 200.000 вакцини ќе биде потпишан в понеделник, по што се очекува тие во најкратокот можен рок да пристигнат во земјава. Засега не се прецизира точниот датум, но според неофицијалните информации вакцините би можеле да влезат во земјава за 10-на дена потоа, а за чиј транспорт од Кина до Македонија е задолжено министерството за здравство.

„За секој граѓанин кој што ќе ја прими првата доза веднаш ќе биде резервирана и втора, што треба да се прими после 21 ден, што значи дека со оваа пратка на вакцини имаме вакцини за 100.000 лица. Записот за спроведената вакцинација станува дел и од електронското здравствено досие на пациентот, по примерот на некои други земји и вакцинираните граѓани ќе добијат соодветен сертификат за примената вакцина“, информираше Венко Филипче, министер за здравство.

Според Националниот план за вакцинација дневно ќе се вакцинираат од 2.000 до 2.500 лица во вакциналните пуктови во здравствените домови. Тие ќе работата во две смени со лекар и медицинска сестра, а термите за вакцинација ќе бидат закажувани на 10 минути.

Први вакцината ќе ја примат здравствените работници кои поради работата имаат висок ризик да се инфицираат со коронавирус и во јавното и во приватното здравство, меѓу кои се Ковид-центрите, клиничките болници и здравствени установи, матичните лекари, старските домови и тие за рехабилитација. Нивната бројка според планот е проектирана на 14.200.

Веднаш по нив ќе бидат лицата со над 70 години, кои во земјава ги има повеќе од 170.000,  а кои ќе бидат поделени во групи според здравствената состојба која ја имаат.

„Направена е дополнителна проверка на дијагнозите со кои тие се евидентирани во последните три години, а дијагнозите се определени врз основа на СЗО, всушност како што и сите меѓународни институции препорачуваат, поделени се на групи, воглавно се тоа хронични болести, но и други состојби кои ги имаат пациентите“, вели Жаклина Чагоровска, од електронскиот систем „Мој Термин“.

Системот за вакцинација предвидува имињата на лица за вакцинација преку „Мој термин“ да стигне до матичните лекари кои ќе имаат обврска да ги анкетира своите пациенти од списокот дали скаат да се вакцинираат, кој одговор потоа ќе мора да го внесат во системот. Откако „Мој термин“ ќе му определи термин на пациентот за вакцинација матичниот лекар ќе треба да го информира пациентот за тоа.

Освен со повикот преку матичните лекари, граѓаните ќе можат да се регистрираат за вакцинација и електронски преку веб-сајт која треба да профункционира од идната недела, но за тоа кога ќе им биде терминот за вакцинација ќе го чекаат телефонскиот повик од матичниот лекар. Од здравство исклучуваат можност за двојно пријавување или злоупотреба на системот.

„Електронското пријавување нема ограничување кој ќе може да се пријави. Ќе може да се пријави секој. Ние дури апелираме да се пријават колку е повеќе можно граѓани на тој систем, за да се намали оптоварувањето кај матичните лекари. Податокот кој ќе се внесе во електронскиот систем, односно во електоронската пријава, автоматски ќе дојде кај матичниот лекар, односно во оние листи кои ќе бидат до него доставени“, информира Чагоровска.

Со оглед дека со кинеската синофарм ќе можат да бидат вакцинирани околу 75.000 лица од над 70 години, останатите 100.000 лица на истата возраст ќе чекаат нова тура вакцини, но не оние на „Астра Зенека“, чија колична од околу 30.000 кои преку Ковакс механизмот треба да стигнат во март, од 103.000 најавени за првите два кваратили од година.

„Таа ќе биде давана на категоријата на граѓани под 65 години. Не станува збор за безбедноста на вакцината, туку оваа вакцина помалку дава ефект на заштита кај постарата популација, и токму поради тоа се користи кај помладата популација“, информираше Александра Грозданова, од Комитетот за имунизација.

Вакцините од Кина и од КОВАКС, овој и идниот месец се очекува да овоможи вакцинација од четири до седум недели. Филипче вели дека нема да има прекини во процесот на вакцинација бидејќи очекува во периодот кој следи да се зголемува достапноста до вакцини, при што информира дека секој ден чекаат да пристигне договорот од „Фајзер“ со кој би требало да се обезбедат дополнителни 800.000 вакицни до крај на годината. Здравствените власти, вели Филипче, се отворена за сите вакцини кои се на пазарот, но за нови вакцини ќе се чека како ќе се одвива процесот на имунизација, а пред се динамиката на испорака на вакцините преку КОВАКС и договорот со „Фајзер“.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Променливо облачно, попладне на повеќе места нестабилно – Временска прогноза за 2.5.2024

Дејан Дејан

(ФОТО) Повеќе од 100 лица приведени за време на протестите во „Сити“ колеџот во Њујорк

Дејан Дејан

(ФОТО) Повеќе од 400-тини желки спасени во бурата во Јужна Африка

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе