Македонија Најважни

Приведени четири лица за случајот „Јавна соба“, Телеграм ја затвори групата

Телеграм ја затвори групата Јавна соба, откако македонските власти денеска се заканија дека ќе ја блокираат платформата. Сега на групата пишува дека не може да биде прикажана бидејќи се користела за ширење порнографски содржини. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски преку фејсбук се заблагодари на Телеграм за ваквиот чекор, но порача дека оние кои го прекршиле законот ќе бидат казнети, затоа што полицијата ги документира сите слуачи.

Од МВР апелираат за внимателност, бидејќи на Телеграм има и друга слична група, а полицијата ќе постапува и за нејзините корисници. Во меѓувреме расте бројот на приведени лица, кои биле директни учесници во Јавна соба, а се бара и креаторот на групата.

Овој скандал стана повторно актуелен деновиве откако млада жена јавно проговори за злоупотребата на нејзини фотографии и мобилниот телефон во Јавна соба, но и вознемирувањето и малтретирањето што го доживува по објавата.

Лани без епилог остана случајот во кој илјадници корисници на Телеграм во ваква група споделуваа експлицитни содржини и лични податоци на девојки од Македонија, но и на малолетнички. Обвинителството го следи новиот случај, а минатогодишниот е се уште во предистрага.

Се преземаат дејствија во рамките на предистражната постапка, односно се врши детална форензичка анализа на извадените податоци од запленетите мобилни телефони со цел да се обезбедат докази за евентуално сторено кривично дело. Што се однесува до новата група со слична содржина, Јавното обвинителство ги следи информациите и ќе постапи доколку бидат утврдени елементи на кривично дело, се наведува во соопштението  од ЈОРМ

Телеграм реагираше само неколку часа подоцна откако премиерот Заев денеска на социјалните мрежи објави дека испратиле барање до нив да ја затворат групата Јавна соба и предупреди дека во спротивно не е исклучена можноста за блокирање на платформата.

Доколку апликацијата Телеграм не го затвори каналот Јавна соба каде се споделува порнографска и приватна содржина од наши граѓани, како и детска порнографија, ќе ја разгледаме и опцијата за блокирање или рестрикција на користењето на оваа апликација сѐ додека не почнат да соработуваат со нас, со единствена цел да се затвори проблематичната група и да ни помогнат во откривање на идентитетот на оние кои споделуваат слики и прават кривично дело. Нам како Влада ни на крај памет не ни паѓа да цензурираме комуникација, но ова е нешто друго и мораме да си ги заштитиме своите граѓани.  Имам порака за охрабрување и за жртвите на ова насилство. Ќе ги преземеме сите неопходни чекори да ве заштитиме и да ги казниме сторителите на овие грозни дела,  напиша премиерот Заев.

Утрово се огласи и претседателот Пендараовски, кој рече дека правото на приватност е загарантирано со Устав, а во случајот Јавна соба со понижување, сексизам и насилство, фрапантно се криши приватноста на илјадници жени и девојчиња. Додава дека секое насилство врз жените и девојчињата е казниво со закон и бара одговорност во најкус можен рок.

Реагираше и Хелсиншкиот комитет од каде велат дека за решавање на случајот Јавна соба, но и други појави од вакво вид, од клучно значење е инкриминирање на сексуланото вознемирување преку интернет, кое сега се третира единствено како злоупотреба на лични податоци.

Емилија Мисирлиевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Инвестиции од половина милијарда евра, минимална плата од 800 евра – коалицијата „Вреди“ ја промовира програмата „План 2030“

Дејан Дејан

ВМРО-ДПМНЕ: Дали Спасовски мирно спие со сознанието дека се пропишани драконски казни за дела кои луѓето не ги направиле на 27 април?

Дејан Дејан

Менаџментот на клиниката да го реши проблемот – ДСИ најави контрола на Токсикологија за поплавата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе