На големата сцена на Драмски театар-Скопје, утре попладне ќе се одржи македонската премиера на последниот текст на српскиот автор Душан Ковачевиќ, насловен „ Хипноза на една љубов“. Режијата ја потпишува Димче Николовски.
Текстот би можел да се нарече бајковито, тажна, магична комедија. Сите ликови во овој текст на Душан Ковачевиќ се добри , поточно добронамерни. Тој дел ја прави приказната бајка. Тагата која ја носат ликовите е од нивната осаменост затоа што нивните деца си заминуваат од своите домови и одат во туѓина. Тоа што овој текст го прави голем е начинот на кој авторот ја пренесува болката така што слушателот и гледачот го тера да се насмее. Магија, вели директорката на Драмски , Катарина Коцевска Хаџи Василева, во соопштението до медиумите.
Во претставата настапуваат актерите: Драган Спасов, Маја Вељковиќ Пановска, Соња Стамболжиоска, Ѓокица Лукаревски, Димитрије Доксевски и Филип Трајковиќ. Сценограф е Тодор Дајевски, костимографијата е на Раде Василев, автор на музиката е Александар Митевски, а за визуелните ефекти се погрижи Милчо Узунов.
Премиерата ќе започне во 17 и 30 часот, поради препораката на властите да не се излегува без потреба по 21 часот, поради пандемијата со Ковид- 19.
