Армискиот хелиоптер доцна попладнево направил извиднички лет и не можел да интервенира врз опожарената шума меѓу беровските села Митрашинци и Будинарци. Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов вели дека во раните утрински часови ќе се интервенира од воздух.
Огнените јазици синоќа зафатиле сува трева, но во текот на денот поради ветерот е проширен и на високостеблеста шума. Според проценките на пожарникарите станува збор за површина од над 50 хектари, непристапен планиски предел. Огнените јазици засега не претставуваат опасност за населените места, но има бачила и стока која треба да се заштити во тој предел. Овде да ја слушнеме изјавата од градоначалникот на Берово Звонко Пекевски, кој попладнево го повика и месното население да се вклучи во гаснење на пожарот.
Има сомнежи дека и овој пожар е подметнат. Инспектор за пожари е на терен и веќе зема изјави од месното население. Пожарот од доцна попладнево е надвор од контрола и денешната слика и стравот кај мештаните во малешевско-пијанечкиот регион се буквално исти како големите пожари минатата година, кои почнаа на 2 август на Илинден.
Викторија Димитрова Јованова