Пензионирање со докуп на стаж или со намалување на пензијата максимум пет години пред исполнувањето на старосниот услов и минимална пензија од 10 илјади 700 денари. Укинување на персоналниот данок на доход за Ајти индустријата до 2023-та. Фирма ќе може да се основа со влог од едно евро без фирмарина за две години. Ова е само дел од Програмата на Владата распослана на 54 страници. Идната Влада се обврзува да ја задржи минималната плата на 14 илјади 500 за време на здравствената криза, а потоа да ја зголеми за 20 до 40 одсто, додека просечната плата до 2024-та треба да биде дури за една третина поголема. За четиригодишниот мандат се планира раст на економијата од 4 проценти и странски инвестиции од најмалку една милијарда евра.
Стапката на невработеност за време на кризата ќе ја држиме стабилна, а потоа ќе ја намалуваме за 3% годишно. За ваков динамичен раст, ќе обезбедиме директна поддршка од 300 милиони евра од домашните буџети и алокација на 300 милиони евра од европските фондови. Секоја година домашните компании ќе добиваат за 25% поголема поддршка во однос на претходната година.
Власта не им дава време на пратениците добро да се подготват за дискусија околу предложената програма и кадровскиот состав, реагираше ВМРО ДПМНЕ. Првичната реакција е што се даваат економски ветувања за четири години, наместо за излез од сегашната криза.
А претседателот Стево Пендаровски, кој пред точно две недели му го врачи мандатот на Зоран Заев, очекува целосно спроведување на европската агенда во клучните области.
Основниот предуслов за успех е да се соберат највештите личности, без оглед на нивната политичка или етничка припадност. Очекувам да видам луѓе со силни проверопски и демократски капацитети, со чисти антикорупциски записи.
Премиерот Оливер Спасовски, кој ги брои последните денови од деветмесечното вршење на оваа должност, верува дека предложениот владин состав има капацитет да одговори на ваквите очекувања.
Вчера мандатарот Заев ги достави двата документа до Собранието. Седницата за избор на нова Влада е закажана за сабота. Пратениците имаат право да расправаат два дена, што значи дека гласањето ќе биде во недела пред полноќ. Владата има поддршка од 62-ца пратеници.
Соња Николовска