Македонската фудбалска репрезентација загуби со 2-0 на гостувањето кај Португалија во финалниот бараж натпревар за пласман на Светското првенство во Катар 2022.
По триумфот против Италија во четвртокот, нашите фудбалери не беа моќни да направат уште една сензација на стадионот „Драгао“ во Порто. Фаворитот беше подобар и заслужено победи благодарение на двата гола на Бруно Фернандеш.
Ѕвездата на Манчестер јунајтед погоди за 1-0 во 32.минута по асистенција на својот клупски колега Кристијано Роналдо.
Вториот гол го постигна во 65.минута по едно мајсторско додавање од Диого Жота.
Македонија немаше чиста шанса за погодок иако во второто полувреме одигра нешто похрабро. Остануваме да жалиме за пропуштената шанса за учество на Мундијалот, но вечерва победи подобриот тим. Фудбалерите покажаа дека имаат квалитет во текот на целиот квалификациски циклус кога завршија втори во групата зад Германија, но пред Романија, Ерменија, Исланд и Лихтенштајн.
Следно за нашата репрезентација е Лигата на нации, која почнува во јуни оваа година.
