Лидерска средба Заев-Ахмети утре, а до крајот на неделата – две собраниски седници: за избор на новата Влада, а претходно – довршување на конститутивната со избор на претседател на Собранието.
Оваа можност се отвара откако преговарачките тимови на СДСМ и ДУИ постигнаа, како што велат, „ сериозен напредок во креирањето коалициски договор за стабилна Влада“. Денеска и во деновите од викендот, генералните секретари Љупчо Николовски и Артан Груби се согласиле за „речиси сите прашања кои водат до договор за Влада“, како што напишале во заедничкото соопштение.
Со оглед на итноста и потребата од брзо ставање во целосна функција на клучните институции во државата заради справување со здравствените и економските предизвици поврзани со Ковид 19, во текот на утрешниот ден ќе се одржи лидерска средба меѓу претседателите Заев и Ахмети на која се очекува конечен договор за нова, стабилна, посветена Влада со мандат од четири години, соопштуваат од двете партии.
СДСМ и ДУИ јавуваат дека преговорите се влезени во финална фаза и очекуваат наредните денови да продолжи конститутивната седница на Собранието со избор на негов претседател.
Но, не јавуваат како изгледа договорот за најспорното прашање: премиерската функција. На последната лидерска средба минатиот понеделник, претседателите на СДСМ и ДУИ не успеаја да решат дали мандатарот Заев ќе биде премиер сите четири години или ќе му отстапи четврт мандат на коалицискиот партнер, заради неговото изборно ветување премиер-албанец. Од тој договор директно зависи и дали ДУИ, односно Талат Џафери, ќе остане прв човек на Собранието, бидејќи евентуалното кусо премиерско позиционирање на ДУИ ќе значи ротација и на спикерската функција.
Заев го доби мандатот на 13-ти август и има рок до втори август да предложи состав и програма на Владата. И СДСМ и ДУИ најавуваат дека нема да се чека последниот рок и дека утрешната лидерска средба е клучна во постигнувањето брз и конечен договор.
Соња Николовска
