Македонија

Шест месеци без законодавна власт

Лицето што сменило адреса а не поднело барање за нова лична карта во рок од 30 дена, ќе треба да плати казна од 250 евра. Според новиот закон, казната за ист прекршок е неколку пати помала – од 50 до 100 евра. Но, нов закон – нема. Собранието не стигна да го измени овој и уште неколку десетици закони и да ги намали глобите за различни прекршочни дела пред да се распушти. Не е во функција точно половина година. Останаа неразгледани 15-тина закони  од областа на земјоделство, транспорт, труд и здравство, 25 од финансиската област, или вкупно, повеќе од 100.

Новиот Парламент е веќе „затрупан“ со работа. Должност му е да ги решава сите прашања што ги отвара почетокот на школската година, здравствената криза и економските последици. Мерките поврзани со организирањето на наставата, следењето он-лајн, работата во мали класови, програмските измени или поместувањето на стартот од 15-ти септември е невозможно без измени на законите и функционален Парламент. Стопанството го очекува ветениот четврт пакет економски мерки, невработените субвенционирање, а сите граѓани исполнување на ветувањата за поефикасна заштита од пандемијата и ублажување на последиците.

И покрај ветувањата за брзо составување Влада со целосен политички легитимитет и ефикасно парламентарно мнозинство, уставните рокови се исцрпуваат до максимум. Претседателот го предаде мандатот само ден пред крајниот рок, а СДСМ и ДУИ веќе 12 дена разговараат со минимален прогрес.

По денешните разговори на генералните секретари Љупчо Николовски и Артан Груби, двете партии објавија соопштение дека преговорите ќе продолжат и дека очекуваат во наредните денови да биде постигнат договор. До тогаш, разговараат за поделба на ресори и за соодветни кадри.

СДСМ и ДУИ: Откако двете партии ги утврдија коалициските принципи и определби, се работи на усогласување на изборните програми. Во тек е распределба на одговорности според ресори, процес во кој се постигнати добар напредок и начелни согласности. Двете партии се обврзаа да предложат соодветни, подготвени, чесни и способни кадри. Учесниците во преговорите во целост ја разбираат итноста и потребата за постизборна консолидација на институциите и очекуваат дека во следните денови ќе биде постигнат конечен договор.

И денеска, не се споменува дали е најдена солуција околу најспорното прашање – премиерската функција. СДСМ и ДУИ, заедно со ДПА, имаат мнозинство од 62 пратенички мандати. До втори септември, мандатарот треба да му го предложи на Собранието новиот владин состав и програмата за работа на идната Влада.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Даунинг Стрит 10: Партнерството го отсликува се подлабокото пријателство помеѓу двете земји

Дејан Дејан

(видео) Невообичаена сообраќајка пред Сити мол, автомобил „покоси“ семафор

Дејан Дејан

Изведување докази за убиствата на Вања и Панче

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе