Граѓанин од Аеродром во порака до Телма вели дека парното греење било исклучено уште во 9:20 навечер.
-Срамота. Бараа и добија покачување. Можеа барем на Божик да ги удостојат граѓаните со нормално парно греење, пиша жител на скопски Аеродром.
И во Карпош, граѓани кои се греат на парно тврдат дека радијаторите станале студени веднаш по 21 часот. На проблеми се жалеа и во текот на денот жители на повеќе општини во Скопје кои се греат на системот на БЕГ.
Последиците од намаленото греење е тоа што граѓаните активираат електрични грејни тела со што се зголемува и потрошувачката на струја и го префрла притисокот на електричната мрежа.
Операторот БЕГ пак денеска со оправдување: “во услови на енергетска криза системот работи во оптимизиран режим се со цел внатрешната температура во домовите да се одржува на 20 степени. Доколку некои објекти се соочуваат со локален проблем или имаат температура во домовите под 20 cтепени, треба да пријават во центарот за грижа на потрошувачи.”
Проблеми имаат и жителите кои се греат на парно од топланата Скопје Север. Во населбите Топанско поле, Скопје Север и делови од Чаир воопшто не се грее, бидејќи топланата не може да купи гас.
Топланата Скопје Север потврди дека не испорачуваат топлинска енергија и дека очекуваат од понеделник Општина Чаир да си го подмири долгот, за да може да купат гас.
Владата ги повика компаниите и локалните власти итно да постапуваат по своите надлежности и да обезбедат топлинска енергија во домовите на граѓаните на Град Скопје.
