Светската куќа на фудбалот ФИФА повторно е во центарот на нов скандал. Швајцарските власти покренаа обвинение против првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино.
Специјалниот обвинител, кој ја истражуваше поврзаноста помеѓу швајцарскиот јавен правобранител Михаел Лаубер и претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, покрена криминални обвиненија против првиот човек на светскиот фудбал и бара овластувања да го направи истото и против Лаубер, соопштија швајцарските власти.
Лаубер минатата недела понуди оставка од позицијата јавен правобранител, откако Судот откри дека тој заташкал состанок со Инфантино и ги лажел надредените, додека неговата канцеларија истражувала корупција во ФИФА. Лаубер и Инфантино негираат дека имале состанок и дека направиле нешто надвор од законот.
Швајцарците власите велат дека специјалниот обвинител Штефан Келер, кој бил назначен минатиот месец да ги разгледа поплаките покренати против двете лица, открил индикации за криминално однесување на нивните средби. Обвинителот пронашол докази дека била злоупотребена службата на јавниот правобранител, биле откриени официјални тајни, а со тоа помагање на престапници.
Келер открил дека Инфантино и Лаубер имале состаноци и зборувале за истрагата на швајцарските власти против ФИФА.