Секој граѓанин сам ќе може да одлучи дали по својата смрт ќе биде дарител на органи, а исто така органи ќе можат да донираат и роднини до четврто колено. Ова се дел од измените на Законот за органодарителство, кои денеска се најдоа на владина седница. Министерот за здравство, Азир Алиу вели дека станува збор за еден од најважните и најхуманите чекори за унапредување на здравствениот систем.
„Пациентот кога ќе оди на матичен доктор, ќе се отвори еден прашалник во кој матичниот лекар нема да може да влезе во системот без да одговори на прашањето дали пациентот се согласува да биде донор на органи по клиничка смрт и секој од нас ќе има можност на тоа да одговори со да или не“, изјави Азир Алиу, министер за здравство.
Одговорот ќе биде внесен во системот, со што институциите во секој момент ќе имаат увид во бројот на потенцијални дарители. Министерот Алиу најави и информативна кампања за подигнување на јавната свест за органодарителството, како и поедноставување на административните процедури за побрза реализација на трансплантациите.
„Процесот на донорство е многу комплициран. Ќе треба да се направат неколку анализи кои ќе покажат дали органот ќе биде прифатен во друго тело или не. Исто така ќе ги оптимизираме и административните процеси“, додава Алиу.
Според податоците еден дарител може да се спаси до осум човечки животи и да го подобри здравјето на околу 50 луѓе.
Тамара Марковска
