„На маса се сите отворени теми. Нема конечен договор за ниту едно прашање. Очекуваме разврска кон средината на следната недела“ – ова е одговорот на портпаролот на ЗНАМ Никола Мемов на прашањата на новинарите „дали е сигурно заминувањето на Филков од ресорот правда“, „што ќе бараат за возврат“, и „дали е можно да не се постигне договор со ВМРО“.
Мемов рече дека се анализира работата на сите министри во владата и спроведувањето на владината програма. Тој нагласи дека ЗНАМ во владата влезе не заради задоволување на лични амбиции и кадровски решенија од ЗНАМ, туку за остварување на програмските определби, цели и принципи на ЗНАМ кои што се составен дел на владината програма.
„Пред две години Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија беше покането од страна на ВМРО-ДПМНЕ да учествува во владата со свои кадри, имајќи ги во предвид изборните резултати, но и кадровскиот потенцијал и искуство што може да го даде ЗНАМ во владата. Оттаму, ние не сме тие кои што бараа да влезат во владата. Ние бевме поканети да влеземе во владата“, рече Мемов.
Заминувањето на Игор Филков од ЗНАМ од ресорот Правда веќе се спомнува како завршена работа, но од ЗНАМ потенцираат дека е далеку од таков договор. Според неофијалани информации ЗНАМ за евентуална ресорска размена, правда би ја трампале за еден од останатите три клучни ресори МВР; одбрана или финансии, односно најпосакувано место што било кажано и на разговорите била позицијата прв човек на полицијата. За прв човек на правда, во досегашните разговори, аспирации имале и ВМРО-ДПМНЕ и Вреди.
Мемов не ги потврди овие информации и рече дека тие се задоволни од постигнатите резулти.
„Оценуваме дека во овој двегодишен мандат владината програма се спроведува со интензитет и на начин кој што сме го димензионирале на самиот почеток при влезот во владата“, рече тој. .
На прашањето дали постои можност ЗНАМ да нема конечен договор со ВМРО и што тоа ќе значи, портпаролот Мемов рече дека сите опции се на маса.
