Македонската кошаркарска репрезентација загуби убедливо на гостувањето кај Бугарија на пријателскиот натпревар во Самоков. Нашиот тим е во завршна фаза од подготовките за последните два натпревари од претквалификациите за Евробаскетот во 2029 година.
Македонија настапи со подмладен состав, без капитенот Војдан Стојановски, без Андреј Јакимовски, но и без натурализиран кошаркар. Бугарија ја искористи ситуацијата и славеше со убедливи 97-68.
Виктор Ефремовски беше најефикасен во нашата селекција со 13 поени, Виктор Ташовски постигна 12, додека Тома Стојаноски го заврши натпреварот со девет поени.
Репрезентацијата ќе ги продолжи подготовките во Скопје под водство на селекторот Жозеп Марија Берокал. На 2 јули Македонија ќе ја пречека Република Ирска во рамки на претпоследното коло од претквалификациите, а три дена подоцна ќе гостува кај Луксембург, најголемиот ривал за првото место во групата.
Нашата кошаркарска репрезентација моментално е во одлична позиција и има максимален ефект по четири одиграни натпревари. Првопласираните селекции од сите три претквалификациски групи ќе се пласираат во главните квалификации, како и најдобрата второпласирана репрезентација.
ФОТО: КФСМ
