Денеска во Собранието продолжи јавната расправа по предлог-законот за игри на среќа, во второ читање. Министерството за финансии го образложи законското решение, кое предвидува воведување построги правила и ограничувања, меѓу кои задолжително растојание од 500 метри од образовни установи, засилени контроли и нови рестрикции во делот на рекламирањето.
Предлогот предизвика реакции од здруженијата на приредувачи на игри на среќа, кои укажуваат дека предложените измени би имале значителни економски последици за секторот, кој вработува над 10 илјади лица и генерира над 350 милиони евра годишни приходи во државниот буџет.
Тие предупредуваат и на можни уставни недоследности во дел од одредбите, како и на ризик од прелевање на побарувачката кон нелегалниот пазар. Дебатата продолжува со спротивставени ставови меѓу потребата за построга регулација и заштита на младите, и економските импликации за индустријата и јавните приходи.
