Вести Свет

Франција под засилени безбедносни мерки пред Самитот на Г7 

Француските власти значително ги засилија безбедносните мерки во пресрет на Самитот на Групата седум најразвиени економии – Г7, кој од 15 до 17 јуни ќе се одржи во туристичкиот град Евијан-ле-Бен на брегот на Женевското Езеро.

Во водите на езерото се распоредени 30 патролни пловила кои ја обезбедуваат крајбрежната зона околу хотелот „Ројал“ во рамки на луксузниот комплекс „Евијан Ресорт“, каде што ќе престојуваат светските лидери. Меѓу учесниците на самитот се очекува да биде и американскиот претседател Доналд Трамп.

За безбедноста на настанот ќе бидат ангажирани повеќе од 13.000 полицајци и припадници на жандармеријата, а посебен акцент е ставен на заштитата од потенцијални закани од беспилотни летала.

„За да се спротивставиме на заканите од беспилотни системи, располагаме со лесни и тешки системи за откривање и неутрализирање. Користиме радари, оптички и радиофреквентни сензори што овозможуваат навремено откривање на различни видови дронови, како и системи за нивно попречување“, изјави капетанот Никола Белек, командант на единицата за борба против дронови на Самитот на Г7.

Безбедносните сили демонстрираа и употреба на специјална опрема за блокирање на сигналите на беспилотни летала, додека во водите на езерото патролираат жандармериски и воени пловила. Во пристаништето се ангажирани и нуркачки тимови кои вршат дополнителни проверки на подводната инфраструктура.

Според француските власти, зоната што треба да биде заштитена е исклучително широка, поради што системите за надзор и откривање се поставени и надвор од непосредната околина на самитот.

Лидерите на земјите членки на Г7 ќе разговараат за актуелните глобални предизвици, вклучувајќи ги состојбите на Блискиот Исток, војната во Украина и светските економски нерамнотежи.

Во меѓувреме, повеќе активистички организации, меѓу кои еколошки, феминистички и антиглобалистички движења, најавија масовен протест во Евијан во пресрет на почетокот на самитот.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Скопјанец бил пресретнат со три возила, претепан и однесен во Шишево

Tea Dimkovska

Тешка сообраќајка кај Љуботен – Повредени седум лица, меѓу нив и четири деца

Tea Dimkovska

Конзорциум предводен од „Гранит“ ќе го гради автопатот Скопје–Блаце

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе