Проектот „Безбеден град“ и засилените контроли на патиштата почнаа да ги даваат очекуваните резултати. Првичните статистики покажуваат значително намалување на бројот на сообраќајни незгоди во Македонија, но брзината, алкохолот и немањето возачка дозвола и понатаму се главните фактори за трагедиите на коловозите.
Ова беа клучните поенти од последното издание на емисијата „Топ Тема“ на Телма, каде гостуваа претставници на полицијата, обвинителството и експертската јавност.
Топаловски: Целта е нула жртви
Началникот на СВР Скопје, Сашо Топаловски, истакна дека високата бројка на загинати на патиштата, која не ја рангираше државата во негативниот врв на европско ниво, била главниот мотив за енергично воспоставување на системот за контрола. Според него, во првите неколку месеци од 2026 година, бројките се охрабрувачки.
- „Веќе имаме добро намалување од 20 до 26 проценти споредбено со сите сообраќајни незгоди коишто ги мериме – од тешки и лесни телесни повреди, па до материјална штета. Во некои месеци намалувањето е дури и над 30 отсто. Наш стремеж е да ја достигнеме бројката од нула жртви. Знаеме дека тоа е тешко остварливо, но мора да имаме таква цел пред нас“, изјави Топаловски.
Според него и смртноста во моментов е на ниво коешто било очекувано да се намали.
- Се надеваме дека уште повеќе ќе ја намалуваме. И верувајте, ако ние за овие четири месеци ги намалиме бројките за, ајде да кажеме, еден процент од номинално 25 отсто сите овие, а во некои незгоди имаме и над 30 отсто намалување, ние сме постигнале многу одличен резултат за многу кратко време. И таа бројка која е – вие ја спомнавте од 2025-та, има и претходна и поголема малце бројка… Од таа бројка ние почнавме. Јас учествував на една меѓународна конференција во Мадрид во 2025 година, каде што да речеме имаме земји коишто се многу добри во тој просек и многу ниски во тој просек, коишто дури одат и под 30. Така што, таа ни е целта. Целта ни е да ја достигнеме бројката од нула. Тоа е стремежот. Знаеме дека тоа сега е невозможно и не знам дали некаде е возможно, но тоа е стремежот, мора да имате некоја цел, рече Топаловски.
Тој најави дека системот кој сега функционира во Скопје, Куманово и Тетово, набрзо ќе се прошири во сите поголеми градови, како и на Коридорите 8 и 10.
Обвинителство: Сообраќајните деликти се 20% од вкупниот криминал
Марија Џабирова Велков, обвинителка во ОЈО Скопје, посочи дека сообраќајните незгоди зафаќаат огромен дел од работата на обвинителството. Иако за 2026 година сè уште нема финална официјална статистика, трендовите од минатите години се загрижувачки.
- „Сообраќајните деликти учествуваат со отприлика 20-тина проценти во вкупниот криминал во државата. Од вкупниот број пријави, меѓу 13 и 15 проценти отпаѓаат на потешки дела – оние со тешки телесни повреди или смртни последици. Во мојата пракса, голем дел од овие предмети завршуваат со признание на вина, дури и за најтешките дела, но секој случај е специфичен и зависи од теоријата на одбраната“, објасни Џабирова Велков.
- Меѓутоа, од годините наназад можеме да кажеме дека сообраќајните деликти учествуваат во голем процент во вкупниот криминал, па така севкупно од секаков тип дела против јавната безбедност – против безбедноста во јавниот сообраќај, се извинувам – учествуваат отприлика со 20-тина проценти во вкупниот криминал. Па така во 2023 година сме имале пријави против вкупно 2.739 лица. Во 2024 година оваа бројка била зголемена на 3.845 лица, а во 2025 година на 3.731 лице. За жал, од вкупниот број на пријави за сообраќајни деликти, отприлика 14, меѓу 13 и 15 проценти, отпаѓаат на потешки дела. Оние каде што имаме тешки телесни повреди или пак, за жал, смртни последици. Ние немаме статистика да дадеме во точна бројка во колку предмети имало смртни последици, меѓутоа сведоци сме дека трагедии на патиштата се случуваат и дека често имаме вакви сообраќајни незгоди, рече обвинителката.
Обвинителката појасни и дека мерката притвор за возачите не се изрекува паушално, туку врз основа на законски критериуми како опасност од бегство, влијание врз сведоци или опасност од повторување на делото кај професионалните возачи.
Трпевски: Брзината е фактор број еден
Сообраќајниот вештак Дејан Трпевски, кој директно работи на анализа на причините за незгодите, дециден е дека клучниот фактор е брзината, но таа најчесто е поттикната од други субјективни влијанија.
- „Најголем дел значи претставува брзината. Е сега, се случува да имаме и сообраќајни незгоди каде што е поминување на црвено светло. Не дека луѓето не го гледаат црвеното светло, меѓутоа секогаш вика „Да, ќе поминам брзо“. Меѓутоа тоа брзањето не секогаш излегува така како што треба. Е сега има одреден дел на сообраќајни незгоди каде што се со, прилично често ги има, со возила на брза помош каде што возилата се пропуштаат да поминат, меѓутоа на семафоризирана крстосница семафорот е тој што кажува кој има првенство на минување, односно каде е зелено светло. Ако ве пуштат да поминете ќе поминете, меѓутоа од насоката каде што ќе ве пуштат ќе поминете, меѓутоа другата насока тој нема да ве види и ќе настане сообраќајна незгода, панастануваат дури и поголеми последици – ем пациент имате, ем истиот е повреден, ем другите се повредени, па други возила треба да дојдат и тука настанува голема компликација. Значи факторите коишто влијаат се разни во различни сообраќајни ситуации, така да не може да се каже експлицитно тоа се тие неколку фактори. Меѓутоа, фактор број еден е брзината, а според вештачењата фактор број два којшто влијае на брзината е претежно алкохолот и непоседувањето возачка дозвола, односно немањето обука и непознавањето на сообраќајните правила и прописи. Затоа што не е исто вие да имате лице на кое му е одземена возачката дозвола, има забрана за управување на возило, и лице кое што никогаш не полагало и никогаш не се стекнало со соодветно образование и обука. Овој што веќе му е одземена возачката дозвола, тој ги поминал процедурите, има познавање, меѓутоа нели поради одреден прекршок одземена му е возачката дозвола. А овој што никогаш не полагал и никогаш немал обука, едноставно може да се случи да не знае ни кои се знаците и кое е нивното значење и да постапи спротивно на истите. Така да тоа се различни фактори во различни сообраќајни ситуации со различно влијание на целата сообраќајна незгода“, истакна Трпевски.
Тој предупреди и на специфични ситуации, како незгодите со возила на Брза помош на крстосници со семафор, каде и покрај звучната сигнализација, недоволното внимание на останатите учесници во сообраќајот доведува до уште поголеми трагедии.
Заедничкиот заклучок на соговорниците е дека системите за автоматска контрола веќе почнале да ги „дисциплинираат“ возачите, но дека е потребен подолг период за целосна промена на сообраќајната култура во земјата.
Б.С.
