Проширувањето е императив и за Европската Унија и за земјите кандидати – изјави денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски пред почетокот на Советот за надворешни работи на Европската унија во Брисел, со кој претседава високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.
Станува збор, потенцира шефот на дипломатијата, за тоа Западен Балкан да престане да биде „сива зона“ на Европа и да се создаде група држави со јасен и кредибилен пат кон членство.
- Нашата порака до земјите членки е повеќеслојна. Потребно е да се оттргнеме од билатерализацијата на пристапните критериуми, но и да се засили ангажманот за прашања кои одат и пошироко од самиот процес на проширување, особено во областите на безбедноста и одбраната, економијата и трговијата, енергетската безбедност, безбедноста на храната и дигитализацијата – истакна министерот Муцунски.
